Достапни линкови

Зошто го нема Груевски?


Поранешниот премиер Никола Груевски пред Суд
Поранешниот премиер Никола Груевски пред Суд

Никола Груевски како политичар беше посветен на јавноста и изглегуваше во медиумите и по неколкупати дневно. Сега од петокот нема никаква објава од него, a аналитичарите имаат поделени мислења.

Од петокот нема никаква информација од поранешниот премиер, сега почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Тоа е невообичаено за него, велат политичките аналитичари зборувајќи врз основа на неговата долга политичка кариера во која тој често и за многу прашања дневно беше присутен во јавноста.

Груевски како пратеник, министер и премиер беше присутен во медиумите, но во позитивно и глорификациско светло, вели комуникологот Сефер Тахири. Но, ова е сосема поинаква ситуација и за прашање како одење во затвор и не очекував тој да се појави и да даде појаснувања, вели Тахири.

“Сметам дека во овој случај повеќе се работи за неговиот стил на владеење, стилот на политичко комуницирање. Дополнително, има изградено и култ кон неговата личност од страна на неговата матична партија и затоа сметам дека тој сега тешко се соочува со новата реалност” вели Тахири.

Тој ги нагласува и неколкуте претходни објави од поранешниот премиер во кои тој наведуваше дека е подготвен да се жртвува за државата. Пред формирањето на оваа влада, кога можните коалициските разговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ пропаднаа, Груевски рече дека ако му била желбата на Заев “да ги малтретира и да ги апси”, тој се пријавувал “прв доброволно да удри по него, но да ја остави државата”. Периодов, пак, на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук како порака до власта напиша и дека “во затвор се влегува и се излегува, но, достоинството кога се губи, се губи засекогаш”.

“Сето ова не му дозволува сега да излезе пред граѓаните и да бара поддршка бидејќи претходно изјавуваше дека е подготвен на се” вели Тахири.

Според Владимир Божиновски од Институтот за политички истражување Скопје, пак се уште е рано за какви било заклучоци.

“Во прашање се два или три дена од викендот во кои условно кажано го нема Никола Груевски. Мислам дека треба да почекаме уште некое време, мислам дека во среда има закажано некое судење, па да извлечеме конкретни заклучоци” вели Божиновски.

Судски курир од петокот прави обиди да му го достави решението на домашна адреса, но сите вклучително и денешните, како што се јавува, се неуспешни. Од затворот го известиле Кривичниот суд дека Груевски не се појавил доброволно во законски предвидениот рок, а ако судот утврди дека Груевски избегнува да го прими решението ќе се пристапи или кон негово спроведување или кон распишување потерница.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, во понеделничкото интервју за Курир, оценува дека против Груевски се води политичка хајка.

Политички монтиран е случајот затоа што човекот е невин, и одговара за случај каде нема финансиска штета, а доброто, автомобилот го користи Владата” вели Мицкоски.

Поранешниот премиер од јавноста целосно го снема откако во петокот Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје ги одби неговите жалби и ја потврди пресудата според која тој треба да се јави во затворот „Шутка“ за издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG