Достапни линкови

Гестикулации за политички поени и за таблоидни медиуми


Политичари во Македонија и натаму користат или злоупотребуваат, како што сметаат аналитичари, национални симболи за собирање политички поени.

Оваа практика доби силен интензитет во времето на владеењето на поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот коалиционен партнер Али Ахмети, но тоа не престанува ниту денес.

Последните реакции во оваа насока во јавноста се случија деновиве, кога лидерот на ДУИ Али Ахмети и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи го прославија објавувањето на Законот за употреба на јазиците во службен весник правејќи гестикулации со рацете кои симболизираат двоглав орел.

Тоа кај дел од македонската јавност беше протолкувано дека укажува на национализам и на идејата за „Голема Албанија“, иако според албанските политичари двоглавиот орел не е провокација, бидејки пренесува порака „јас сум Албанец.“

Слично однесување се забележувало и кај македонски политичари или јавни личности, но како и да е, ваквите гестови редовно предизвикуваат отворање на темите за национализам и меѓуетнички односи, а коментарите на социјалните мрежи се уште пожестоки, проследени со говор на омраза и етничка нетрпеливост.

Сето ова го отвора прашањето до кога политичари кои се колнат во соживот и европски вредности ќе ги користат и злоупотребуваат емоциите на народот со покажување орли и лавови, крстови и верски обележја, предизвикувајќи негативни чувства кон другата етничка заедница?

Политичкиот аналитичар Насер Зибери смета дека овие настани можат да се сметаат за провокација и оти подраматична димензија посебно добиваат кога се пренесуваат во медиумите и на социјалните мрежи.

„Сите граѓани, пред се, носителите на јавни функции и политичари, треба да внимаваат во своето однесување со такви активности да не провоцираат револт, загриженост и одбојност кај граѓаните од другите заедници“, вели Зибери.

Тој додава дека нивото на толеранција кај лидерите, политичарите и носителите на јавни функции, треба да биде на многу повисоко ниво и секогаш со чувство за односот кон другите заедници.

Навредливите слогани, со антимакедонска или антиалбанска содржина, од поодамна се присутни и на домашните спортски натпревари, но се чини дека во медиумите нашироко се покриени овие теми во периодите кога македонските репрезентативци се натпреваруваат на меѓународни спортски натпревари.

Во моментов има реакции дека македонските спортисти покажуваат симболи за „Обединета Македонија“, а политичарите се јавуваат да кажат дека не треба да се мешаат спортот и политиката.

Комуникологот Петар Арсовски коментира дека со менувањето на медиумскиот пејсаж, медиумите во последно време се во интензивна потрага по публика, со што се повеќе се фокусирани на скандалозни и таблоидни содржини, односно главно на негативен пласман.

„Оттаму, ваквите симболи кои се злоупотребувале на Балканот отсекогаш, медиумите ги преистакнуваат и од нив прават преголема работа, бидејќи тоа им го подига рејтингот. Така тие влијаат негативно, таквите симболи да станат што е можно по популарни, а политичарите и другите учесници во јавниот дискурс полесно да ги злоупотребуваат“, вели Арсовски.

Арсовски објаснува дека електоратот треба да научи да биде поеманципиран по овие прашања и да не ги доживува така драматично.

„Второ, треба да почнеме да ги казнуваме оние политичари кои ги злоупотребуваат, бидејќи тоа е националистички потег. Додека тоа не се случи, тешко дека ќе се постигне било каков ефект.

Зибери смета дека овие појави во моментов не се со цел за дефокусирање на јавност од вистинските проблеми, туку оти повеќе е фолклорна појава за добивање политички поени кај гласачите во предизборен период.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG