Костовски со „Емоции за еден град“ во галерија „Акантус“

„Емоции за еден град“ е насловена изложбата на илустрации на уметникот Горан Костовски Ind.o.g којашто од 18 до 29 јануари ќе се одржи во галеријата „Акантус“ во скопско Дебар Маало. Делата се инспирирани од реални ситуации од секојдневието и го коментираат загадувањето на воздухот во Скопје.

Триесет илустрации селектирани од многу поголемиот број на творби настанати во периодот од 2014 до 2017 година ја чинат претстојната изложба за подобро утре „Емоции за еден град“ на Горан Костовски Ind.o.g, којашто од 18 до 29 јануари ќе се одржи во галеријата „Акантус“ во скопско Дебар Маало. Станува збор за поставка на која секоја од илустрациите засебно е карактер кој пренесува по некоја мисла за надеж и повторно оживување на самиот град, како и што претставува тој како урбана средина за луѓето. Всушност како тие би го подобриле во иднина“.

Илустрациите, како што нагласува авторот, се инспирирани од реални ситуации од секојдневието и го коментираат загадувањето на воздухот во Скопје со ПМ10 честички коешто во изминатаата декада е од два до четири и пол пати повисоко од граничните вредности пропишани од Европската унија за квалитет на воздухот.

„Последнава изложба „Емоции за еден град“ е всушност реакција на сите неправедности што ни се случуваат. Овде кај нас. Во нашиот град. Мислам дека е повеќе од значајно да почнеме да се залагаме за справување со загадувањето на воздухот во Скопје. Колку што се сеќавам нашиот град секогаш бил загаден затоа што сме во котлина, но тоа не значи дека треба да и се предадеме на летаргијата. Затоа ова е само еден мој крик за состојбата на околината во којашто живеам“, истакнува Костовски.

„Емоции за еден град“, изложбата што е помогната од фондацијата Отворено општество – Македонија, инаку е составен дел на подолгорочниот проект Celebrate Life кој датира од 2011 година како платформа за дизајнирање на unisex облека и разни предмети и едукативни работилници веројатно во најтешките мигови на нашето општество. Покрај практичниот аспект, платформата има и филозофија зад себе – да се избегне мрачната и неподнослива состојба во секојдневието и да се потсетат луѓето на моментите кога танцуваат и ги слават убавите нешта.

„Луѓето престанаа да се смеат. Заборавија на животот и радоста. Агресија, гнев и омраза насекаде и не препознавање на средината доведе до стадиум на размислување во нова форма на уметничкиот израз. Впрочем бедата се пренасочи во продуктивност. Своевиден потсетник за луѓето што повеќе да се радуваат бидејќи навистина е бесцелно да се троши енергија и време на грди работи. Celebrate Life е за моментите кога танцуваме и славиме убави нешта. Стилски различни, но оптимистични, концептот Celebrate Life имаше за цел од првата продукција на маици дел од средствата собрани од продажбата беа наменети за бездомните животни и за луѓе на кои им треба некаква помош“, вели Костовски.

Уметникот дополнува дека иако секоја колекција со себе носи разни позитивни промени во општеството како на пример возењето на точак, исчезнувањето на ноќниот живот во главниот град и појавувањето на новите музички предизвици, погледнувањето длабоко во себе да се пронајдеме кои сме и што сме, човековите права и родовата еднаквост, медитациите, вегетаријанството и здравиот начин на живот, чистиот воздух и уништувањето на животната средина секогаш се претставени на убав начин кој што има за цел да им ги доближи овие прашања до поединците наоколу.

Кон ова уште неколку значајни работи. Горан Костовски - ind.o.g е арт директор, дизајнер и видео уметник. Роден 1983 година во Скопје, тој своето прво дело го изложил во 1998 година, а оттогаш до денес учествувал во низа самостојни и групни презентации, како и видео перформанси.

Освен во родниот град се претставувал и во Париз, Амстердам, Берлин и во Цеље, Словенија.

Во неговото творечко портфолио ќе биде запишано дека своите дела ги изложувал во Младинскиот културен центар-Скопје и во Мала станица, а на фестивалот „Кока кола саундвејв“ во 2005 година тој одржа перформанс со цртање пред публиката. Во 2007 година во галеријата „Точка“, во рамки на фестивалот за урбани уметности „Kонструктор“, ја имаше изложбата на графички дизајни и видеоарт насловена Human Communication, а три години подоцна беше одговорен за визуелизациите на гала-отворањето на јубилејното 50 издание на фестивалот „Охридско лето“.

Конечно, во 2016 година ја реализираше изложбата „Емигрирани во слобода“ како дел од културните приказни на Европската комисија во Скопје, а неговото творештво било и дел од низа групни постановки во рамки на фестивали и проекти како „Родовод“ (2007), „Армитраж“ (2006) и „New Planet“ (2006).

Горан Костовски Ind.o.g и натаму живее и работи во Скопје.