Достапни линкови

Димовска: Сакавме да го разбудиме интересот кај младите творци за екс либрис


Плакатот за изложбата Екс Либрис 2018
Плакатот за изложбата Екс Либрис 2018

Во Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје, овој четврток, на 17 јануари ќе биде затворена 4-та Меѓународна биенална изложба на екс либрис, една од ретките во регионот и манифестацијата на која беа претставени 237 дела на стотина уметници од 26 земји во светот.

Очекувавме да расте интересот за „Екс либрис“, за самата изложба, како од авторите така и од публиката и мислам дека веќе на ова четврто издание појасно се гледаат резултатите.

Вака Соња Димовска, идеен творец на Биеналето и член на тимот на Екс Либрис Скопје, ќе го започне своето кажување во пресрет на затворањето на 4-та Меѓународна изложба на екс либрис Скопје 2018. Поставката беше обнародена на 20 декември во Отворено графичко студио на Музеј на град Скопје и понуди 237 дела на околу 100-на уметници за кои при изборот ќе биде забележано дека се „разновидни, впечатливи и еклектични“.

Ова е прва и единствена изложба од ваков карактер на нашиве простори. Екс либрис изложбите не се ништо невообичаено во светот, но кај нас ова е прв таков потфат. На изложбата имаме автори кои работат исклучиво екс либриси. Тие се графичари. Но, има и такви коишто по вокација се сликари, но имаат интерес во графиката. Посебно интересно е што годинава ги анимиравме помладите наши, македонски автори. Тоа лично ми претставува огромно задоволство бидејќи на крајот на краиштата идејата водилка од самиот почеток беше да работиме токму нив да ги разбудиме. Да ги инспирираме нив да работат екс либрис, вели Димовска.

Таа и со појаснување дека е особено значајно и тоа што на поставката која се протегна до 17 овој месец имало автори од 26 земји на светот и најмногу од Русија, Полска и Турција. Дека нивното учество не само што и дава значајна интернационална нота на изложбата туку и дека настанот го издига високо над овдешната вообичаеност.

„Оваа година имаме автори коишто се во врвот на актуелната екс либрис сцена. Тие веќе почнуваат оваа наша изложба да ја ставаат во своите агенди на значајни настани. На екс либрис изложби како што се оние во Истанбул, Кадакес, во Полска и така со ред. Овде зборувам за творци како Петар Кочек, Денек Буган, Лукаш Цивитски и други“, смета уметницата.

Димовска и со констатација дека со ова четврто издание на Меѓународната изложба на екс либрис тие како организатори веќе го наоѓаат своето место на домашната ликовно-графичка сцена, но дека за жал недостасува институционалната подршка. Така на пример за четвртото, сеуште актуелно издание не добиле никаква помош ниту од државата, ниту од градот.

„Искрено не би знаела како да одговорам на ова прашање, а не би сакала и да навлегувам во причините за таквиот однос. Знам само дека ние едноставно сме решени да го истераме она што сме го замислиле на почетокот, со првото издание на екс либрис. Дури и без помошта на институциите, се разбира многу потешко но сепак успеавме да го стокмиме ова четврто издание на манифестацијата и на публиката да и подариме и квантитетно и квалитетно издание на изложбата. И по дела и по број на автори. Ние ќе истраеме во нашите настојби, но се надевам дека во иднина институциите сепак ќе го препознаат тоа и конечно некој ќе застане зад нас“, вели таа.

Таа и со уверување дека тие не само што не се откажуваат од својата идеја, туку веќе и се подготвуваат за идното јубилејно издание кое е планирано да се одржи во 2020 година.

„Со тоа ќе се направи еден пресек на сè она што сме работеле досега. Јас навистина мислам дека така ќе имаме можност многу нешта да и покажеме на нашата публика. Покрај новите дела ќе се обидеме да направиме и една ретроспективна изложба за се она што сме сработиле од 2012 година до тогаш“, вели таа.

​Од друга страна, Соња е убедена дека љубопитството и интересот кај публиката за екс либрисот може да се разбудат само преку организирање на вакви изложби или натпревари.

„Ние треба да бидеме поприсутни. Да не има што почесто, а не на секои две години како досега. Мислам дека тоа би било возможно и дека би можеле да го направиме бидејќи имаме автори од многу земји во светот и од 2012 година се до сега колекцијата се повеќе и повеќе расте. Дури има идеи како би продолжиле понатаму. Би можеле на пример да направиме засебна изложба на делата на полските автори на екс либрис. Или можеби на мексиканските...На тој начин евентуално“, истакнува Димовска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG