Македонска филхармонија на турнејата „7 концерти во 7 градови во Кина“

Поминувајќи преку 10.000 километри, од внатрешна Монголија па сè до југот на Кина, македонските филхармоничари под диригентство на маестро Јерухам Шаровски од Израел и гостите солисти, Дуо Гурфинкел, деновиве успешно ја завршија двонеделната турнеја во оваа земја и прва на азискиот континент.

Со популарна програма, на која покрај концертот број 1 за пијано и оркестар од П.И.Чајковски со солистот Хају Жанг се најдоа и дела од Гершвин, Бизе, Глинка и Штраус, под диригентство на маестро Јерухам Шаровски од Израел и гостите солисти Дуо Гурфинкел, Македонската филхармонија, на 9 јануари ја заврши двонеделната и прва на азискиот континент турнеја насловена како „7 концерти во 7 градови во Кина“. Проектот доаѓа не многу по септемвриското гостување на Камерниот оркестар во Казакстан, бележитиот концерт на Филхармонијата со големиот африкански музичар Феми Кути во Белград, соседна Србија, и ноемвриските настапи во Сарагоса и Хуеска во Шпанија, а потпишан е од големата кинеска корпорација Полигруп, која во своја сопственост има 60 мултифункционални изведувачки центри и концертни сали низ целата држава. За нив се вели дека една од најзначајните мисии им е да создаваат „убавина на животот“ токму преку уметностите и преку високо квалитетни изведби на домашни и странски уметници.

„Оркестарот настапи во нови, високо квалитететни концертни сали во градовите Хохот, Таијуан, Тангшан, Женгжу, Хенгшуи, Хефеи и Донггуан претставувајќи ја Македонија на највисоко ниво и добивајќи срдечни аплаузи од бројната публика. Од 27 декември, поминувајќи преку 10.000 километри од внатрешна Монголија па сè до југот на Кина, македонските филхармоничари ја одушевија присутната публика и организаторите со својот позитивен дух, со радоста со која ја изведуваат музиката, а секако не останаа незабележани и харизмата на диригентот Шаровски и виртуозните изведби на солистите кои на секој концерт беа враќани на бис“, вели Виктор Илиевски, директор на Македонската филхармонија.

Притоа, тој не заборава да нагласи дека „оваа прва турнеја во Азија, за Македонската филхармонија отвора нови хоризонти и нови можности за гостувања на Далечниот Исток“.

На крајот од турнејата со луѓето што стојат зад агенцијата Полигруп која ги организираше овие концерти имавме состанок и имаме отворена покана за нова кинеска турнеја на Македонската филхармонија што би требало да ја подготвиме и реализираме во текот на оваа година. Но, сето тоа не би било возможно ако не покажавме зрелост и квалитет каков што покажавме. Затоа многу сум им благодарен на филхармоничарите. На нивната страст за музиката и професионализмот“, истакнува Илиевски.

Во овој контекст, концерт-мајсторот и виолинист Владимир Костов знае да каже дека за музичарите концертите во Кина претставувале одлично искуство од секаков аспект – од кондициски, преку професионален, до уметнички.

„Отидовме во земја каде се негуваат различни културни традиции, во градови каде што нема музички оркестри и училишта, но каде што има публика која сака да слуша европска музика. Кинеската публика најмногу реагираше на „Радецки марш“ и „На убавиот син Дунав“, сакаше да има интерактивен однос со музичарите, да разговара со нас, да се фотографира. Среќни сме што ова е само почеток на еден голем раст на Македонската филхармонија“, смета Костов.

Продуцентот Роза Нолчева, пак, со појаснување „дека од организациски аспект, турнејата во Кина значеше голем потфат за Македонската филхармонија“.

Видете и ова: Феми Кути - Музиката е јазикот на вселената

„Ова беше голем потфат на нашата институција. Докажавме дека подготвеноста на музичарите е на навистина високо ниво. Тие успеаја да ги издржат долгите патувања од град во град, со огромни температурни разлики, да ги издржат концертите без паузи. Се претставивме во одлично светло не само од уметнички, туку и од организациски аспект“, вели Нолчева.

Инаку, во 2019 година Македонската филхамонија влегува со многу амбициозна програма. Првиот нејзин концерт е насловен „Слободен и среќен“ и на него како солист ќе се претстави Лусјен Ренодин-Вари, извонредната трубачка од Франција, а со оркестарот ќе диригира Петер Ференец од Словачка. Веднаш потоа следува грандиозниот концерт „Бесмртност“ на кој ќе бидат изведени дела од Бетовен со нашите Нина Костова-Јаневска на пијано и Сашо Татарчевски како диригент и хорот „Драган Шуплевски“ од ФМУ.

На 7 февруари е мошне интересниот концерт „Ангелите и градот“ со Конрад ван Алфен од Холандија и солистката Луси Хорш од Холандија на барокна флејта, кога премиерно ќе биде изведена Симфонијата бр. 4 „Лос Анџелес“ од еден од најдобрите современи светски композитори Арво Перт.

Потоа доаѓаат двајца врвни руски пијанисти – Андреј Гугнин и Борис Березовски, кој пак во иста вечер во големата и во камерната сала на Македонска филхармонија ќе свири два концерти за пијано од Прокофјев и Шостакович.