Гогољевиот „Ревизор“, онака како што го прочитале и се обидуваа да го исправат на сцена режисерот Јани Бојаџи и неговите соработници, композиторот Горан Трајкоски и костимографот Невенка Тасева Петровиќ, публиката нема да го види. Управата на Велешкиот театар, на чие чело е директорот Александар Ивановски, по двомесечни подготовки, одлучила да му стави точка на проектот. На уметниците по електронска пошта им пратила известување дека ја прекинува соработката со нив.
Режисерот Бојаџи вели дека „тие како Театар ги потрошиле средствата за нивниот проект, односно ги пренамениле незаконски, надвор од процедура за други проекти“.
Тој појаснува дека предвидениот буџет со кој аплицирале за претставата бил два милиони денари. Овие средства биле намалени на 600 илјади денари и, иако станува збор за многу мала сума за толку голем проект како „Ревизор“ на Николај Васиљевич Гогољ, сепак решиле да се обидат со она што го имаат да создадат добар уметнички производ. Арно ама, набрзо се дознало дека и половината од тие пари „се пренаменети“, па така од Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес им понудиле да го продолжат проектот за околу 300 илјади денари.
„Тоа почна да станува тривијално. Смешно. Симптоматично. Неприфатливо во секој смисол, но и покрај тоа ние испративме електронска порака до Театарот во Велес дека се согласуваме и со тие услови кои беа надвор од умот со една единствена цел – да видиме до каде ќе стасаат со целата оваа игра која беше јасно дека ја водат со нас. И откога испративме писмено обраќање дека се согласуваме и на тие услови тие ни испратија ново, трето известување во кое кажуваат дека еднострано го прекинуваат проектот со нас“, истакнува Јани Бојаџи.
Видете и ова: „Ругање со Христос“ за официјален почеток на „Киненова 2018“Тој во продолжение ќе рече дека иако биле некаде на самиот почеток на подготовка на проектот, сепак, ниту во еден момент од никого не бил доведен во прашање концептот. Ниту од тогашниот директор, ниту од уметничкиот раководител, ниту од ансамблот на Театарот „затоа што на крајот на краиштата ова е огромна пиеса со преку 20 актери и буквално целиот актерски ансамбл, целиот технички потенцијал на Велешкиот театар, кој за среќа е сега прилично сериозен, беа вклучени во подготовката на претставата“.
„Сите влегоа во подготовката со огромен ентузијазам затоа што јас како режисер, Горан како композитор и Невена како уметник, како костимограф, уште на почетокот истапивме со нашите конкретни идеи дека ќе правиме класична претстава, но современо погледната. Ние сме на чисто дека станува збор за „Ревизор“ на Гогољ, за една драмска класика која заслужува внимание и од нас како уметници и од целиот театар. Концептот на претставата и ние како уметници никогаш не беа доведени во прашање сè додека не почнаа тие игри кои еве кулминираа со известување дека тие ја прекинуваат соработката со нас“, вели Бојаџи.
Прашан за тоа дали има и какви се реакциите на актерите и останатите учесници во проектот, тој ќе рече дека реакции нема никакви. Дека сите се замолчени.
„Јас ги разбирам луѓето. Луѓето се уплашени. Живеат во страв. Тука немам никаква дилема. Она што пријателски доаѓа до мене не би сакал да го коментирам, затоа што на крајот на краиштата не сакам да злоупотребам никого, а и ги разбирам луѓето земаат плата од таму и мора да молчат“, вели тој.
Згора на ова Јани појаснува дека лично се плаши оти станува збор за реваншизам од најдолен вид. Обид да го понижат него и неговите соработници како автори и да ги стават во безизлезна ситуација.
„Мислам дека станува збор за оркестрирани напади против нас со цел ете така да се реваншираат оти сметаат дека во таа т.н битка помеѓу нас, со нашиот филм „Ругање со Христос“, тие ете се оние условно да кажеме поразените“, смета режисерот.
Бојаџи и со констатација дека во Македонија, за жал, на крајот на 2018 и почетокот на 2019 година се случува цензура. Дека вакво нешто не се случувало ни во „најцрниот социјализам, а слушнал најразлични приказни“.
„Мене воопшто не ми е пријатно што ова се случува затоа што и не е веќе забавно. На крајот на краиштата јас кажав пред неколку месеци и не беше тоа пророчки речено затоа што ги знам луѓето и сите тие од оваа гарнитура се 25-30 години во културата. Ете тие и таквите ќе направат сè за да ги тргнат на страна, да ги цензурираат, да ги уништат не само социјално, да ги остават луѓето како мене без хонорари, уметниците што размислуваат поинаку. И што е уште поважно ќе се потрудат да не снема како творци. Тие добро знаат ако јас на пример не режирам, ако Горан не компонира, ако Нена не прави костими, ако не скицира, ние не постоиме. Нашето постоење како уметници се манифестира само низ нашето творештво. И тоа е нивната крајна цел – да не уништат социјално, да не спуштат на материјално дно бидејќи никој од нас тројца немаме резервни професии. Ова ни се единствените професии“, вели режисерот.
Говорејќи за таквото тежнение за нивно социјално и духовно уништување, всушност забраните да творат, тој и со информација дека филмот „Ругање со Христос“ и театарската претстава „Ревизор“ не се единствените примери за тоа. Дека пред две недели им бил одбиен нивниот нов проект од Агенцијата за филм и дека „бесрамно се отфрлени од сите национални театри, оти директорите не сакаат да комуницираат со нив и тие не можат да договараат претстави во ниту еден театар во Македонија“. Сепак, како што ќе рече, тие не креваат раце. Дека нема да им го пружат тоа задоволство на оние што тоа го очекуваат од нив.
„Имаме планови и преговори да работиме во странство затоа што, да бидам искрен, ние сме возрасни луѓе и треба да ја погледнеме реалноста, најмалку во следните три-четири години, или пет-шест или десет или сто, колку што може да се случи оваа владејачка гарнитура да биде на власт, за нас ќе нема простор за уметничко делување. До мене и до нас доаѓаат дури и закани од поранешни министри. Ете еден од нив му порачал на мојот адвокат дека ќе завршам како и мојот другар, пријател и соработник актерот Владо Јовановски“, вели Бојаџи.