Теа Беговска, по неколкуте навистина успешни алтернативни проекти како „Тишина“, „Контрола“, „Ајде да имаме секс!“ и „Кафе без цигари“, еве ја повторно во институциите. На малата сцена на Велешки театар, работена како четврта премиера годинава, режисерката ја постави „Класен непријател“ на англискиот романописец и драмски автор Најџел Вилијамс.
Се провлекува прашањето кое е вистинското знаење? Што е знаењето? Дали воопшто постои знаење на овој свет кое ќе го поправи нашиот живот и нашиот општествен систем? Но, сепак за мене тоа не беше доволно, да ја видам само страната на младите, на мојата генерација, туку сакав да ја видам и другата страна.Теа Беговска, режисерка.
Преку неговиот текст таа го поставува прашањето дали воопшто постои знаење кое што може да го поправи несовршениот свет.
Говорејќи за „Класен непријател“ Беговска знае да каже дека текстот тлеел во неа уште за време на студиите и дека само го чекала вистинскиот момент оваа тема да стане актуелна за времето во кое што живееме. Појаснува дека текстот има совршена драматургија од самиот автор и дека секој негов збор ставен во контекст на студентските и средношколските протести кај нас се повеќе и повеќе станувал поактуелен.
„Се провлекува прашањето кое е вистинското знаење? Што е знаењето? Дали воопшто постои знаење на овој свет кое ќе го поправи нашиот живот и нашиот општествен систем? Но, сепак за мене тоа не беше доволно, да ја видам само страната на младите, на мојата генерација, туку сакав да ја видам и другата страна. Да видам како општествениот систем реагира на тоа, како повозрасните реагираат на тоа и на крај дали превземаат некакви одговорности за нивните деца“, вели Беговска.
Дополнува дека на петте млади ликови на авторот ги додала и професорите со идеја да бидат одраз и слика на целиот општествен систем виден низ призмата на образованието. Од друга страна, како трета линија на претставата го вметнала ликот на новинарката или известувачот од терен. Таа на свој начин го гледа целиот тој раздор и ги спојува и коментира двата става – оној на учениците и оној на луѓето од другата страна на барикадите.
„Претставата е доста интимна. Таа е одраз на сето она што јас досега го имам работено. Мене ми е многу интересно да се занимавам со кршење на тој четврти твит, со пренесување на емоција на публиката и таа самата да извлече свој став, свое мислење за нештата кои ги слуша и ги чувствува, а малата сцена на Велешки театар мислам дека е идеално место кај нас за нешто такво, за нешто што мене ме возбудува – токму таа комуникација со публиката.
Пиесата е многу искрена, многу отворена, многу конкретна како став. На крај таа не нуди решение туку едноставно ја остава публиката сама да дојде до свој став и свое решение дали воопшто постои знаење кое ќе го поправи овој свет“, вели Беговска.
Инаку, во пресрет на премиерната изведба на „Класен непријател“ што треба да се случи оваа сабота, на 7 ноември, велешката публика имаше можност да ја види и „Ајде да имаме секс!“. Претставата беше одржана во вторникот во тамошниот клуб „Тарантино“, во рамките на третиот програмски блок на Фестивалот на алтернативен театар „Импакт“.
„Ајде да имаме секс! на „Импакт“ помина одлично. Таа претстава е исто така доста комуникативна и мене ми беше навистина мило што пред новиот проект велешката публика имаше можност некако да се запознае со естетиката што ја нудиме со нашите алтернативни претстави. Има разлика – едно е кога нудиш алтернатива, друго кога работиш во институција каде има многу поголеми можности за развивање на својот израз.“
И, кога сме веќе кај институциите Теа Беговска од неодамна е вработена во Драмски театар од Скопје и, како што вели самата, со нетрпение го чека својот прв вистински ангажман на сега матичната сцена на која со неколку свои колеги заеднички ја потпишаа шницлеровата „Вртелешка“.