Кафе и цигари, или кафе без цигари. Тоа е исто како љубов без секс. Исто како да љубиш, а да не ти е возвратено. Исто како уметност без страст, уметност без смисла, форма без содржина. Театар без публика. Вие без нас, Ние без вас. Вие без вас, Ние без нас. Претстава без актери. Нецелосно задоволство. Ете тоа сме ние.
Најмногу се фокусиравме на нашите нецелосни задоволства во однос на професијата, во однос на тоа што го работиме, го создаваме. Дали театарот секогаш ни враќа со иста мера од она што ние нештедливо му го даруваме – дел од нашето срце, нашата имагинација.Теа Беговска, режисерка.
Ова ќе го запише режисерката Теа Беговска во пресрет на праизведбата на својот нов проект „Кафе без цигари“ што е планирано да се одржи во ноќниот клуб „Балет“, просторот во кој таа и нејзините театарски собеседници милуваат да експериментираат. Текстот, како што самата вели, се бави со осаменоста и нецелосните задоволства на нејзината генерација. Напишан е според личните искуства на актерите, а во пиесата настапуваат Емилија Мицевска, Бобан Кулески, Никола Кузелов и Миа Кантарџиева.
„Најмногу се фокусиравме на нашите нецелосни задоволства во однос на професијата, во однос на тоа што го работиме, го создаваме. Дали театарот секогаш ни враќа со иста мера од она што ние нештедливо му го даруваме – дел од нашето срце, нашата имагинација“, вели Теа Беговска.
„Што сме ние? Кој сме ние? Дали воопшто за нас постои ритуалот пиење кафе? Сметам дека можеби ние се изгубивме, се заборавивме во кафето и цигарите. Кафе со цигари или кафе без цигари, не знаеме и самите да се одлучиме.Теа Беговска, режисерка.
Беговска дополнува дека разговарале доста и околу тоа што е нивната генерација, кои се нивните нецелосни задоволства и каде се тука „кафето и цигарите или кафето без цигари“. Појаснува дека еден од ликовите во претставата всушност ќе биде провокатор и неговата цел ќе биде да ги донесе останатите ликови до ситуација тие да го кажат тоа што го чувствуваат длабоко во себе како нецелосно задоволство и така целосно да станат задоволни. Таа е убедена дека се работи за една многу искрена претстава во која што актерите кажуваат низа занимливи работи, а самата, пак, нашла начин да се направи драматургија во која лесно ќе се препознае нејзината генерација.
„Што сме ние? Кој сме ние? Дали воопшто за нас постои ритуалот пиење кафе? Сметам дека можеби ние се изгубивме, се заборавивме во кафето и цигарите. Кафе со цигари или кафе без цигари, не знаеме и самите да се одлучиме. И во тоа одлучување често бегаме од нашите проблеми или, пак, измислуваме нови се со цел се повеќе и повеќе да ја прикриеме нашата осаменост. Да прикриеме колку сме ние осамени и колку ако не остават сами всушност и не знаеме да се грижиме за себе. Крајот на претставата дава една слика што мислиме ние за тоа како еден ден ќе живееме. Всушност кажуваме дека за секој човек, еден ден, нема да биде важно дали постои целосно или нецелосно задоволство. Како термин тоа нема воопшто да постои туку секој од нас ќе живее само за времетраењето на една театарска претстава ...а тоа значи дека потоа ќе стане некој друг и така со ред. Тоа е секојдневно ново раѓање ќе стане дневна шема.“
Инаку, „Кафе без цигари“ за Беговска доаѓа по одличниот прием на претходните алтернативни проекти како „Тишина“, „Контрола“, „Ајде да имаме секс!“... кои над се, покрај нејзиниот специфичен творечки ракопис, на повидок ја изнесоа и потребата за испитување на растегливоста на границите на експериментот. Од таму нималку не чуди кога режисерката забележува дека сето тоа е нешто што и го исполнува срцето, што искрено го работи и што и дозволува да истражи до каде може најдалеку да исчекори. Вели дека тоа наедно е интересно и за актерите со кои што работи бидејќи тие на тој начин ја имаат потполна слобода во однос на тоа да ги искажат своите лични ставови.
„Не велам дека не ми е интересно да делувам во институција, тоа си има една друга убавина, еден свој друг истражувачки процес, но сметам дека алтернативата е начин да ја одржуваш својата работа, да ја тренираш својата имагинација и просто да влегуваш се подлабоко во оваа магија што се вика театар. Овде не се работи за класична театарска претстава. Јас секогаш кога работам алтернатива гледам да истражувам во таа комуникација со публиката и навистина сум среќна кога некој по претстава ќе ми пријде и ќе ми каже дека сме успеале да допреме до него. Сме го натерале да размислува за темата. Сметам дека кога си присутен на една ваква театарска претстава ти сигурно се чувствуваш дека си дел од неа. Актерите играат блиску до публиката. Седат до присутните. Ги гледаат во очи. Станува збор за една многу интимна атмосфера во која што понекогаш ти станува непријатно, понекогаш се чувствуваш слободно...Секоја различно ја доживува.“
Кон ова само уште информациите дека автор на музиката во „Кафе без цигари“ е Енес Беговски, дизајнот на плакатот го изработи Александра Самара Илиќ, фотографиите се на Ерина Богоева, а по праизведбата ќе следуваат уште две репризи во скопски „Балет“, по што претставата ќе го започне своето патешествие по културните манифестации и на алтернативните сцени во градовите од Република Македонија.