Љубиша Кировски и Маја Шутевска – Кировска, овој вторник, на 25 декември, во Македонска филхармонија, онака како и што доликува на врвни музички уметници, со концерт ќе ја одбележат 25-годишнината од уметничкото делување и присутноста на домашната и меѓународната музичка сцена. Перформансот на виртуозот на виолина и виола и на неговата животна сопатничка и врвна пијанистка е во рамките на циклусот Pro Musica, во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија, и на него ќе биде презентирана специјално подготвена премиерна програма со одбрани дела на класиците Јоханес Брамс, Бела Барток, Астор Пјацола и на македонската композиторка Бете Илин.
„Како дуо цели 25 години сме препознатливи по тоа што на секој концерт изведуваме премиерни дела. Од таму во првиот дел на публиката ќе и ги дариме Сонатата бр. 2 во Ес-дур од Брамс за виола и пијано, потоа Гранде танго од Пјацола која е оригинално напишана за виолончело и пијано и е посветено на големиот Ростропович, а ова ќе биде премиерна изведба кај нас, и конечно композицијата „Танцувајќи со ветрот“ што македонската композиторка Бете Илин за дводеценијскиот јубилеј ни ја посвети нам. Во вториот дел ќе изведеме една грандиозна соната и многу ретко изведувана и на светските сцени – Сонататта број 1 од Бела Барток за виолина и пијано која исто така ќе биде премиерна изведба. Се решивме за оваа програма бидејќи сметавме дека овој 25 годишен јубилеј сепак треба да го заокружиме со програма која ќе не отсликува и ќе говори за нашата дејност сето ова време“, вели Маја Шутевска -Кировска.
Видете и ова: Виртуозот Милер-Шот вторпат солист со Македонската филхармонијаА, на самиот почеток уште и ова. Педантните проследувачи на тековите на современата македонска музичка култура, ќе забележат дека повеќе од две и пол децении уметничките и животните патишта на овие творци им се вкрстуваат во еден ретко успешен сценски израз, во креативна уметничка сеанса во која и виолината и пијаното се надополнуваат со неверојатна компактибилност, категоризирајки го камерното дуо Кировски во една од супериорните камерни формации кај нас.
Згора на тоа ќе биде подвлечено дека сличните или идентични уметнички концепции и восприемање на музиката, се фундамент на креативната сила на ова дуо, низ која блеснува необичен музички оптимизам, но пред сè студиозна анализа врз музичката материја кон која тие посегаат. Резултатот од таа самопрегорност, издржливост и исклучителна професионална поткованост се успешните концертни настапи од кои слушателската публика излегува задоволна и исполнета со музика. Кон ова во дополна ќе биде ставена и констатацијата дека „двајцата резбари на музичката магија, изведувачите на виолина и пијано, квалитетно и адекватно го применуваат своето солидно едукативно студиско, послестудиско и концертно искуство, влегувајки низ ширум отворената музичка порта, не само кај нас, туку и во странство, а чиј праг по правило го поминуваат само најдобрите и најуспешните исполнители“.
И, по ваквите убави зборови малку фактографија. Дуото Кировски е формирано во 1993 година. Оттогаш до денес, има реализирано бројни настапи во и надвор од земјата, меѓу кои посебно бележити се оние во Хрватска (Загреб, Осијек, Ријека и Пула), Србија (БЕЛЕФ во Белград, фестивал Нови Сад, Врњачка Бања, Подгорица), Полска (Варшава, Краков, Лоѓ), Италија (Трст, Фиренца), Швајцарија (Лозана), Турската Република Северен Кипар (Беледијеси Фестивал), Бугарија, Велика Британија (Лондон), САД (Њујорк) и во Германија.
Од друга страна, никако не смее да се заборави и тоа дека без нив многу значајни културни манифестации кај нас како фестивалите Охридско лето, Златна Лира, Скопско лето, Хераклејски вечери, Есенски музички свечености и други едноставно би биле посиромашни.
Особено интересен е и податокот дека во 1997 година дуо Кировски специјализирало на Европската академија „Моцарт“ во Варшава, Полска, кај еминентните професори Такач, Роман, Жислин и Самољотов. Покрај ова, Маја и Љубиша Кировски се усовршувале за изведба на сонати за виолина и пијано кај прочуените Павел Гилилов и Пјер Амојал на Летната академија во Лозана, Швајцарија, каде биле избрани меѓу трите најдобри дуа.
И, кога сме веќе кај значајните награди и признанија неминовно треба да се спомне дека во 1998 година тие биле добитници на Специјалната награда на Ц.Е.И (Централно-европската иницијатива), на Меѓународниот натпревар за камерна музика Трио ди Триесте, во Италија.
Видете и ова: Таири со прва објава од композиторскиот опусИнаку, репертоарот на дуо Кировски опфаќа дела од барокот до музиката на 20-от век со над 70 сонати за виолина и пијано.
Од друга страна, особено значајно е тоа што овие музичари посебно го негуваат македонското музичко творештво редовно изведувајќи дела од домашни автори, од кои голем број на дела се посветени токму на ова дуо. Затоа и не треба да се заборави дека тие во 2011 одржаа серија на концерти во Њујорк, Лондон и Скопје со дела токму од македонски композитори посветени ним, а една година подоцна премиерно со Македонската филхармонија го изведоа и двојниот концерт за виолина и пијано што композиторот од Димитрије Бужаровски го напиша специјално за дуото.
Не помалку значајна е и нивната издавачка дејност. Својот прв албум го снимаат на концертот одржан во рамките на фестивалот Охридско лето во 1999 година. Вториот нивни запис е публикуван по одржаниот перформанс на Есенски музички свечености во 2005 година, а пет години потоа излегува нивната тројна објава на која се документирани три последователни концерти од кои едниот специјално со дела на македонски композитори.
За сево ова дуо Кировски во земјава во 2004 година ја добиваат наградата „Златна Лира“, за врвни уметнички достигнувања во 2003 година која ја доделува Сојузот на музички уметници на Македонија. Една деценија подоцна ќе бидат овенчани со признанието „Виртуози“ за најдобар камерен ансамбл во Македонија, а следната 2015 ќе станат добитници на наградата „Георги Божиков“ што ја доделува СОКОМ за континуирана изведба на дела од македонски композитори.