Македонија - од една во друга партизирана администрација

Шалтер за лични документи

„Јасно кажано да“, вели францускиот амбасадор Тимоние на прашањето дали има нова партизација на администрацијата. Упатените велат дека во изминативе 27 години никој ништо не прави за да се спречи замената на една партизирана администрација со нови партиски војници.

„Правосудството и департизацијата на администрацијата се клучните точки во кои се забележува затајување во спроведувањето на европската реформска агенда“, вели францускиот амбасадор во Скопје Кристијан Тимоние во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе биде во целост објавено в недела. Тој додава дека се сомнева оти замената на кадрите во админстрацијата се случува според форми кои наликуваат на претходните можеби.

„За да можат да се случат промени беше неопходно да се сменат луѓе во администрацијата, но дали таа промена на кадрите беше направена врз основа на компетенциите или можеби политичката припадност, не знам, тоа е се уште отворено прашање“, вели Тимоние.

РСЕ: Се сомневате за нова партизација на администрацијата?

„Јасно кажано да“, одговори Тимоние.

Во однос на прашањето како да се подобри состојбата со овие две проблематични прашања тој вели дека станува збор за еден ист проблем.

„Кога ја привилегирате лојалноста или семејните врски или етничката припадност кои се поважни од сите други критериуми, особено во општество коешто е мало, се изложувате на ризик за конфискација“, објаснува Тимоние, додавајќи:

„Конфискација од страна на групи кои ќе се скријат под закрилата на партијата, но впрочем станува збор за група која си ги штити сопствените интереси, дури ако сакате и економски интереси и секоја промена на власт служи можеби како промена на поделба на некое си царство, промена на сопствеништвото на некое претпријатие и ако тоа значи промена, тоа е само замена, а не вистинска трансформација и тој ризик постои. Тоа не е ризик поврзан можеби толку со политичка партија колку повеќе со семејство“, вели амбасадорот Тимоние во интервјуто за РСЕ.

Професор Борче Давитковски од Правниот факултет, кој учествувал во подготовка на многу стратегии во полето на администрацијата, вели дека во изминативе 27 години никој ништо не прави за да се спречи замената на една партизирана администрација со нови партиски војници. Тој додава дека новата Влада само направи стратегија колку да има „папирологија“ дека нешто се прави. Но, не се отпуштаат од работа, се примаат нови партиски кадри и се зголемува бројот на вработени во администрација, така што има индиции дека од една партизација се оди во друга партизацијата, објаснува Давитковски.

„Едноставно нема по мене политичка волја овој проблем еднаш да се реши, како во судството така и овде. Мислам дека се нема еден радикален рез. Мислам дека ни треба пред се политичка волја за тоа. Како што премиерот се зафати со решавањето за влез во НАТО. Класична политичка волја како булдожер, со министерот за надворешни работи, така требаше и во другите ресори да се зафатат со реформи. Те во правосудство, те во јавна администрација, секој министер требаше да повлече. За жал локомотива ни е само премиерот, а ова останатото јас не гледам некои резултати, а 40 години се занимавам со оваа тематика“, објаснува Давитковски.

Тој додава дека сега е доцна на половина мандат да се преземаат сериозни чекори. Тоа се прави кога се зема власта, затоа што сега е доцна, следната година ќе почнат активностите за избори во 2020 година, па ќе дојде нова влада, со нови стратегии и повторно во еден магичен круг ќе се врти проблемот со администрацијата. Давитковски вели дека најмногу што може да се направи е една проверка, и во судството и во администрацијата, сите да се подведат на едно тестирање за кој ги исполнува условите од државен секретар до помлад референт нека си остане, кој не ги исполнува нека си оди.