Неделници - Режисерот на 27 април и чистки во администрацијата

Архивска фотографија - Демонстранти пред Собранието на 27 април, 2017.

Неколку текстови во неделникот Фокус се посветени на „ловот на креаторите“ на крвавиот 27 април. На патот до Брисел ќе се чистиме од партиски вработувања и непотребни агенции, објавува Капитал.

Фокус - Крвавото трио од 27 април

Најновото издание на неделникот Фокус има бомбастична насловна со фотографија на претседателот на државата Ѓорге Иванов, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот претседател на Собранието на Македонија, Трајко Вељаноски. Над фотографијата го пишува она што деновиве, со сведочењата на неколкумина обвинети за крвавиот 27 април, и на главниот меѓу нив, Нинџа, почна да излегува на виделина: „Обвинителството ги лови креаторите на пучот – Крвавото трио од 27 април“.

Неделникот има неколку статии посветени на оваа тема, а во уводникот „За нештата да станат појасни“ авторот пишува: „Сè уште никој со име и презиме не ги посочува Груевски, Вељаноски и Иванов дека ги нарачале, ги координирале, ги организирале, ги менаџирале или дале логистика на крвавите настани во Собранието, но од досегашните сведоштва во судот може слободно да се исцрта ’крвавото трио‘“, како што пишува, „што стои зад 27 април“.

Вториот текст се занимава со прашањето за ненадејното „пропејување“ на неколкумина учесници и обвинети пред судот. „Парадоксално, ама изгледа вистинито“ – насловила авторката на статијата забележувајќи дека „тие не се сведоци на Обвинителството, уште помалку заштитени сведоци што на таков начин би биле ’помилувани‘“. „Станува збор за обвинети, а силно верувам дека бегството на Груевски и селективната амнестија во која не се насилниците, се клучните генератори за ваквиот пресврт“, пишува Фокус.

За пресвртот пишува и во третиот текст на оваа тема во неделникот, кој наведува дека во обид да ја спасат сопствената кожа, дел од обвинетите „пропеаја“ – открија дека зад насилството стоела УБК. Па констатира: „По една година, веќе се наѕира сценаристот, а прашањето е дали ќе стигнат и до режисерот, кој секогаш кога ќе загусти е надвор од државата“, алудирајќи на Груевски.

Капитал - Како ќе се реформира јавната администрација?

„На патот до Брисел ќе се чистиме од партиски вработувања и непотребни агенции“ – објавува најновиот број на Капитал во врска со прашањето „Како ќе се реформира јавната администрација?“ Најавите се амбициозни, Владата е на потег со реализација, а ако најавените реформи се спроведат како што треба, веќе во следната година ќе се знае на кои агенции и институции ќе им се стави клуч на врата, и ќе се воспостави систем на професионално, а не партиско именување и разрешување, а граѓаните ќе добиваат услуги брзо и ефикасно.

Неделникот потсетува дека за оваа реформа треба сериозна политичка волја и истрајност оти опфаќа серија непопуларни мерки, па фазите на нејзината реализација ќе треба да бидат будно следени и од медиумите и од невладиниот сектор. Капитал малку сомничаво реагира на фактот дека реформите се фокусирани на администрацијата, а не на целиот јавен сектор во кој вкупно има 1300 институции. Па ги наведува своите анализи дека најголемата превработеност е токму во јавниот сектор, во јавните претпријатија, школите, болниците, каде што буквално се немаат ниту списоци со број на вработени и каде што додека недостасуваат доктори, учители и професионалци, се вработуваат партиски кадри без соодветни квалитети, пишува Капитал.