Почна јавната дебата за нацрт амандманите на Уставот, ја отвори премиерот Зоран Заев кој посочи прифатливи предлози што би можеле да станат дел од нив, а се изнесени на дебатата во собраниската Комисија и на пленарната седница. За ова информираат сите електронски изданија на печатените медиуми, а во Нова Македонија читаме дека „Премиерот посочи на одлуката уставните измени да стапат во сила само доколку Грција ги ратификува Договорот од Преспа и Протоколот за наше членство во НАТО“. Вечер има наслов: „Заев: Очекуваме уставните измени да бидат изгласани во јануари“.
Порталот на Вечер дополнува дека Заев ова го кажал на средбата со пратениците од Европскиот парламент, Мекалистер и Флекенштајн. Двајцата европратеници остварија средба и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со потпретседателите и со координаторите на пратеничките групи и со независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ. Информацијата во Нова Македонија е насловена: „Помирувањето има поддршка од европратениците“.
Нова Македонија, Слободен печат и Независен, како и Вечер, информираат и за протестниот марш на ВМРО-ДПМНЕ и нивни поддржувачи пред Владата во Скопје против „политиките на Зоран Заев и на СДСМ“. Вечер оди со наслов: „Граѓаните се директна жртва на неспособноста на власта на чие чело е аболицираниот Заев“. Нова Македонија објавува и дека „Приврзаниците на ’Македонија блокира‘, кои се противат на уставните измени од петок ги прошируваат активностите и ќе блокираат повеќе крстосници во главниот град во попладневните часови“.
„УБК организатор на настаните од 27 април, тврдат дел од обвинетите“, наслови Нова Македонија во чија информација се додава дека тие биле организирани од обвинетиот Александар Василевски Нинџа, кој примал директни наредби од сега веќе уапсениот поранешен директор на УБК, Владимир Атанасовски и од началникот во Управата, бегалецот во Грција, Никола Бошковски. Вечер во наслов објави: „30 дена притвор за екс директорот на УБК, Владимир Атанасовски“.
Вечер исто така објавува информација за рочиштето за „Титаник“ за изборните измами под наслов: „Груевски и Јанкулоска договарале изработка на пасоши за изборите во 2011 година“, што можело да се прочита во телефонските пораки помеѓу нив двајца.
Слободен печат и Независен имаат наслов: „Хелсиншки комитет и уште 13 граѓански организации бараат одговорност од институциите за бегството на Груевски“.
Порталите на печатените медиуми исто така информираат: „Судот му ја одби жалбата на ексшефот на тајната полиција – Мијалков останува во притвор“.
Независен ги објавува резултатите од анкетата на ТВ Телма и МЦМС дека „На СЈО му се лизга авторитетот“ – мнозинство од над 53 проценти од анкетираните граѓани немале доверба во СЈО, а му верувале 41 отсто.
„Партијата ДОМ смета: Отворањето на вратата за ГМО храна во Македонија не е во интерес на граѓаните“, наслови Вечер. Во партиското соопштение се наведува дека во услови кога во државава не постои акредитирана лабораторија во која ќе се контролира концентрацијата на генетски модифицираните состојки во храната отворањето врата за нејзино производство не е во интерес на пошироката јавност.