Симонов: „Црнила“ ќе стане македонска „хип-хоп“ класика

„Црнила ремикс“ е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле, ставено во контекст на урбан хип-хоп албум, знае да каже режисерот Јордан Симонов, во пресрет на првата од двете премиери на на претставата која треба да се случи на годинашното осмо по ред издание на фестивалот „Здраво млади!“

Замислена како музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналниот препев и музика на ЗАД АГОЛОТ не носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп субкултурата, „Црнила ремикс“, како што знае да каже нејзиниот идеен творец и режисер Јордан Симонов, во основа е „едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум“.

Тој истакнува дека иако идејата долго тлеела во него, не дошло сето тоа со одредена умисла за спојување на две навидум неспоиви нешта – еден добар текст со хип-хоп. Вели дека сакал да прави трансформација на драма низ хип-хоп постулати. Првично дури и се прашувал што има врска „Црнила“ со хип-хопот, за да потем заклучи дека така наједноставно ќе ги трансформира пораките низ музика и дека тие ќе добијат на сила. На гласност.

„Црнила“ е македонска класика. Во кој било контекст да ја ставиш, во кое било време, таа работи. А, работи затоа што приказната што ја опфаќа цело време се повторува низ историјата. Братоубиствената војна на Македонецот не е запрена. Од кога е почнато до ден денес сè уште го гледаме тоа. Тие пораки во драмата, откако ќе ги ставиш со бит, односно со ритам во позадина и ќе ги издвоиш како такви, а згора на тоа и неколку пати ќе ги повториш, хип-хоп елементите веќе добиваат една нова димензија“, смета Симонов.

Тој дополнува дека нему ова му е трет пат како се среќава со Чашуле. Два пати како актер и овој пат со обид како режисер. Како актер настапувал во поставките на „Црнила“ кај Виолета Џолева и кај професорот Слободан Унковски во 2005 година во МНТ. Од таму не чуди кога забележува дека секогаш кога ја препрочитуваш можеш да најдеш нови и нови пораки кои на прва топка можеби се малку скриени, ама сепак излегуваат.

Тој феномен им се случувал и кога ја работеле претставата. Го зеле оригиналниот текст и заедно со Дарко Димитриевски и Павле Димковски од рап-дружината ЗАД АГОЛОТ пробале да направат свој синопсис. Тоа бил првиот „драфт“, по што следувале уште еден и уште еден, за да конечно дојдат до некаква целина која не била „затворена“ и која откако влегле глумците во приказната, почнала да се „легнува“ и сè да си доаѓа на свое место.

„Мислам дека дојдовме до еден многу интересен проект кој верувам дека би бил многу интересен за скопската, за македонската, па и за поширока публика затоа што јас досега не сум сретнал ваков тип на музичко-сценско дело“, ќе рече уметникот.

Јордан Симонов, режисерот на „Црнила ремикс“ / фото: Кире Галевски

Прашан за тоа, пак, како го сторил одбирот на актерите за „Црнила ремикс“, а во претставата настапуваат Стефан Вујисиќ како Луков, Александар Михајловски – Фезлиев, Владимир Петровиќ – Иван, Горан Николов – Методи, Ненад Анѓелковиќ – Младичот, Павле Димковски - Христов и Сања Арсовска како Неда, Јордан со појаснување дека знаел оти овие помлади негови колеги приватно си имаат обиди за рапување. Дека имаат обиди за пишување рап песни, дури некои имаат извадено и по некој таков проект и дека тие му биле асоцијациите како да ја одбере екипата. Некаде бирал и по сензибилитет на улога, но ниту во еден момент не се водел од тоа дека секој мора да знае да „рапува“. Ако не знае, ќе научи, потсетува тој.

„Имаше актери кои одма влегоа спремни, ослободени... Не им е проблем никако метриката на рапувањето. Дури можат и да импровизираат и не им е проблем еднаш ова вака да го кажат, другпат малку поразлично, трет пат на трет начин. Многу убави беа пробите затоа што беа отворени и се обидувавме на најразлични начини да дојдеме до решенија. Можеби некогаш по подолги патишта, значи импровизиравме разни форми во хип хопот се разбира, за да потем, во одредени моменти кажеме „аха ова е добро, ова парче го земаме“ и така некако ја „измонтиравме“ претставата“, вели тој.

Говорејќи за тоа каков прием кај публиката очекуваат, Симонов, откако ќе потсети дека „историјата на нивниот перформанс се движи помеѓу драма и музички настап“, признава дека не е сигурен што ќе превагне. Дали едното или другото, но вели дека самиот би сакал да дојдат да ја проследат и оние на кои театарот им е во мислите и оние кои многу повеќе ја љубат музиката. Дека има елементи за провокација и кај едните и кај другите. Тој смета дека на момчињата од ЗАД АГОЛОТ им требало малку време, но дека тие направиле уметнички добра работа.

„Ние прв пат влеговме во една ваква работа. Тие никогаш не работеле театар. Јас никогаш не сум снимал хип-хоп албум. Сепак „влеговме“. Се најдовме и некако тргна целата приказна. Затоа јас би сакал оваа форма да не остане само на претставата. Мојата идеја е да ја шириме оваа форма, односно онолку колку што е можно да земам и друго дело и да го направам во тој контекст. Ќе видиме. Можеби и цело едно движење, еден стил – хип-хоп драма“, вели режисерот.

Инаку, Јордан Симонов е актер во МНТ со некаде 50-на улоги во значајни проекти како „Глембаеви“, „Буре барут“, „Обѕрни се во гнев“, „Шопинг енд факинг“, „Демони“, „Кралот Иби“, „Мара Сад“, „Изгубени Германци“, „Мајсторот и маргарита“ и други. Играл и во филмовите „Прашина“ на Милчо Манчевски, „Превртено“ на Игор Иванов Изи, „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски. Згора на тоа магистрирал режија и „Црнила ремикс“ официјално му е втора негова претстава откако претходно „дебитираше“ со „Тероризам“ работена по текст на руските автори - браќата Олег и Владимир Пресњаков.

„Уште пред да се зафатам со тоа да се бавам со режија го имав тој став – леле па јас сум актер што ќе правам сега? Па, јас не можам да бидам ништо друго освен глумец итн. Но, во суштина тоа е предрасуда. Ако нешто сакаш да го работиш и плус е од твојата професија што значи дека имаш љубов за тоа, само малку ти треба да ги сфатиш елементите од „другата професија“. Истата работа е ова што го работам само од другата страна на огледалото. Ако до сега како актер сум се бавел само со себе си и со никој друг, со мојата психо-физичка и ментална состојба и како низ неа да го најдам ликот што треба да го играм и тој да биде во согласност со она што го бара режисерот, сега е другатат страна. Сега треба да ја гледаш отворената слика. Да гледаш за сите. Целокупната слика. Сега јас се возам таму. Фасциниран сум од целата таа ситуација. Сево ова со режијата ми е и младо и рано, ама никогаш до сега како глумец не сум ја видел другата страна. Не ме интересирала. А сега ми е многу интересно. Би сакал да продолжам. Се разбира јас сум актер и тоа е мојата првична професија и од тоа не можам да избегам, меѓутоа човек може да научи сè што сака. Колку ќе биде успешен, тоа е до него. Некогаш треба да се фокусираш на едно нешто за да ги постигнеш работите. Некогаш можеби ќе треба да направиш сто илјади работи за да дојдеш до вистината. Да ги склопиш коцките“, ќе рече Симонов.