По „Дракула“ во 2008 и „Силјан Штркот шанца“ во 2016, режисерот Срѓан Јаниќиевиќ по трет пат посега по текст на Дејан Дуковски. Овојпат, тој е третиот и прв кај нас кој се зафаќа со „Дух“, пиесата што својата праизведба ја имаше во Српско народно позориште во Нови Сад во 2015, во режија на Александар Поповски и која една година потоа повторно беше исправена на сцена но овојпат во Белград и видена од Милан Нешковиќ.
Во пресрет на македонската премиера, Јаничиевиќ знае да каже дека текстот на Дуковски е поразличен од сè што напишал досега и дека, според него, е веројатно еден од најдобрите досега. Дополнува дека тоа нему му отворило еден процес кој бил многу напорен, многу тензичен, меѓутоа и многу возбудлив, на моменти смешен и над се духовит.
„Направивме една претстава за која верувам дека ќе игра многу долго. „Дух“ мислам дека е претстава која секој човек што ќе седне да ја гледа неминовно ќе ја почувствува болката, ќе се препознае и ќе сака да стане дел од решението на проблемот со кој што живееме. Сите чувствуваме една суштинска неправда и не гледаме наскоро никаков излез од тој проблем. Колку се качуваме погоре, толку повеќе тонеме. Ете така изгледа претставата. И тој еден момент на немоќ што се чувствува, „Дух“ се обидува да го сруши и да покаже дека можеме да избориме нов пат“, вели режисерот.
Актерот Гораст Цветковски за својот лик Александар Мара или Духот знае да каже дека „некои го викаат анти-Хамлет, други пак може да го споредат со Панишер кој гледајќи ги сите неправди решава да ја земе правдата во свои раце и да ги реши сите по ред што му згрешиле“.
„Ниедна промена, ниедна слобода, ниедна револуција, ниедна победа не е извојувана без жртви. Никогаш нигде не се слушнало дека нешто само од себе се решило. Ниедни пари некој лихвар ги нема вратено ако не го притиснат. Има една реплика од С.А.Ф која вика „Гневот се таложи“. И во еден момент, претпоставувам како што се таложи и собира тој гнев ќе мора да пукне негде. И да прсне негде. За да може да разговараме слободно и да си го кажуваме тоа што го сакаме ќе мора да прска крв на сите страни. И нема друго чаре и нема друг излез“, смета Цветковски.
Тој и со дополна дека ако некој сака нешто да промени, ако ние сакаме нешто да промениме, дури и да задржиме одредени работи, без разлика во која насока сакаме да одиме, „мора да се оди радикално и секогаш, секогаш ќе има жртви...и секој мора да се носи со тоа и мора да го знае уште пред да влезе во целиот тој процес на освестување, на промена, на освежување, на освестување на едно битие, менталитет, култура, начин на живеење. Дека во основа со тоа се бави и целата претстава.“
Во контекст на ова Јаниќиевиќ ќе рече и тоа дека „Дух“ е всушнот „рокенрол – претстава“. Прашан, пак, дали е возможно да се прават „рокенрол-претстави во вакви турбо-времиња“, режисерот со појаснување дека „турбо начинот на мислење или владеење во моментов можеби е пострашен во Америка отколку кај нас“. Дека тој начин на мислење и практикување на реалноста почнува да станува опасен за целиот свет, а дека ние само го дефиниравме оти патем имавме таква гнила ситуација кај нас. Затоа, тој смета дека претставата всушност сака да каже дека човек можеби и на овој начин треба да ги земе работите во свои раце. Дека таа нуди една енергија во којашто сепак треба да се избориме за нашиот простор и дека во неа го има тој анархистички бунт за да и се спротивставиме на глобалната неправда.
„Сериозно почнуваме да се распаѓаме. И како човештво и како планета и како луѓе. И заради тоа мораме да направиме, како што пишува во текстот, радикални промени. Или барем да се обидеме. Барем да помислиме дека може. Проблемот е што ние сме преспори со еволуцијата, а револуцијата е пребрза за да се оствари потребниот модус. Сепак можеме да се обидеме да изградиме подобар свет ако ништо друго. Оваа претстава на еден радикален, многу див начин раскажува една таква прикаска“, тврди режисерот.
Во „Дух“ играат и актерите Никола Ацески, Емил Рубен, Тања Кочовска, Ивица Димитријевиќ, Тина Трпкоска, Оливер Митковски, Матеа Јанковска, Сашко Коцев, Нина Деан, Јордан Симонов и Тони Михајловски. Сценографијата е на уметникот Велимир Жерновски, костимите на Лидија Георгиева, а музиката е авторско дело на Надежда Рубин, нејзиниот колега од ПОГАН ПАГАН – режисерот Јаниќиевиќ и актерот Димитријевиќ, инаку член на бендовите СИЗ и РИБ (триото зад себе го има и искуството од заедничката работа и на „озвучувањето“ на денес хит претставата „Силјан Штркот Шанса). Конечно, за издвојување е и прекрасниот дизајн на плакатот за претставата чиј автор уметникот Зоран Кардула.