Господине Дерковски реaлна ли е бројката од 1,8 милиони гласачи?
Да, јас неколку пати во неколку прилики тврдам дека бројката е реална и дека целата забуна во изминатите години стана веројатно од некои други политички причини. Меѓутоа наша работа на ДИК е да не ја мешаме политиката, затоа што оваа работа водењето на Избирачкиот список е статистичка операција. Вклучени се Завод за статистика и Министерството за внатрешни работи, така што од нивните евиденции практично се црпи составот на Избирачкиот список. И на граѓаните да им биде појасно, право да биде на Избирачкиот список има секој граѓанин којшто наполнил 18 години и којшто има важечка лична карта или патна исправа на Република Македонија, а не секој што живее во земјава. Жителите на Република Македонија се утврдуваат по пат на друга операција, попис, а додека правото да бидеш на Избирачки список го стекнуваш исполнувајќи ги овие услови и со тоа јасно се става динстикција меѓу двете работи. Тоа е всушност разликата.
Колку средства ќе се издвојат за гласање во дијаспората?
Конкретно за гласањето на дијаспората на минатите парламентарни избори се потрошени над 30 милиони денари, значи повеќе од 500 близу 600 илјади евра, што сепак е позамашна сума, која овој пат се обидуваме да ја рационализираме, да ја скратиме. Тоа ќе го направиме сигурно затоа што избирачките одбори се помали, ќе нема потреба да праќаме луѓе од тука, да правиме трошоци за авионски билети и дневници, тоа значи намалување на трошоците Со Министерството за надворешни работи се договоривме да ни ги испратат сите вработени луѓе во дипломатско-конзуларните претставништва низ светот, со цел да ангажираме што повеќе луѓе од таму за да ги намалиме трошоците. Се надевам дека износот овој пат ќе биде многу помал.
Средствата за референдумот се обезбедени од буџетот на Македонија во програмата референдум, којашто се предвиде со одлука на Собранието. За оваа намена Собранието предвиде повеќе од 210 милиони денари. Ние се обидовме да ги рационализираме тие трошоци. Нашиот план предвидува околу 169-170 милиони денари за целата постапка за организирање и спроведување на референдумот, меѓутоа и тука има простор да намалиме и убеден сум дека реализацијата ќе биде пониска од оваа бројка.
Господине Дерковски вие сте на функцијата по предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата се уште не се изјаснила дали ќе ги повика своите поддржувачи да го бојкотираат референдумот или да излезат на гласање. Каков е вашиот став на ова прашање?
Вашето прашање сега ќе ми ги урне сите претходни констатации кои ги наведов за работата на Државната изборна комисија и затоа и нема да навлегува во одговор, затоа што тука сум член на ДИК и политичките ставови и моите убедувања ги оставам дома. Кога ќе дојдам на работа заборавам на тоа и функционираме како државен орган, кој има задача, пред се, да ја изведе операцијата референдум согласно законот.
Очекувате ли притисоци во иднина, знаејќи дека сите членови на ДИК доаѓаат од некоја партија?
Притисоци се секогаш можни, меѓутоа сите ние тука сме доволно искусни да ги надминеме тие искушенија, така што сметам дека овој состав на Државната изборна комисија ќе покаже и докаже дека во Македонија може и поинаку да се функционира, ако сите ние си ја сфатиме задачата која ни е дадена, ќе ги надминеме сите тие притисоци.
Целото интервју со претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.