Достапни линкови

Се чека одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот


Собрание на Република Македонија
Собрание на Република Македонија

Иницијативата за распишување на референдумот е подготвена се чека само на одлуката на ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија најавија прес -конференција на генералниот секретар Игор Јанушев во 13:30 часот пред Собранието. Според СДСМ, нема промени во референдумското прашање кое го најави премиерот Зоран Заев.

Иницијативата за распишување на референдумот е потпишана од координаторите на пратеничката група на СДСМ, ДУИ и БЕСА, а се чека само на одлуката на ВМРО-ДПМНЕ. Во тек се консултациите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ по која се очекува тие да се изјаснат за референдумот. Од опозициската партија најавија прес -конференција на генералниот секретар Игор Јанушев во 13:30 часот пред Собранието.​

Во иницијативата е наведен датумот 30 септември за одржување на референдумот, како и референдумското прашање, кое според информации од СДСМ, е истото кое како можно го најави премиерот Зоран Заев по една од лидерските средби во Клубот на пратениците -Дали сте за сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?

Од СДСМ најавија дека без разлика дали од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја потпишат иницијативата тие ќе ја достават до претседателот на Собранието, Талат Џафери и ќе бараат од него денеска да ја закаже седницата. Од ВМРО-ДПМНЕ бараа референдумското прашање да биде јасно и да се однесува само на договорот за името со Грција.

Во Собранието свечени заклетви дадоа членовите на ДИК кои денеска ќе ги преземат своите функции. Џафери по седницата изјави дека чека одговор од координаторите на пратеничките групи.

Претседател на ДИК е Оливер Дерковски, потпретседател Дитмире Шеху, а членови се Елизабета Постоловска, Борис Кондарко, Јанаке Витановски, Радица Ристеска и Енвер Салиу.

Дерковски изјави дека ДИК ќе постапи и ќе направи се што е во нејзина надлежност за да успее организирањето на референдумот.

„Денес ја дадовме свечената изјава и со тоа го означивме почетокот на работата на ДИК. Очекуваме Собранието исто така, да донесе значајни одлуки за работата на ДИК. Доколку се заврши се како што треба, го гледате составот, се се тоа искусни луѓе, од кои повеќето претходно веќе биле и членови на ДИК, така што сметам дека за главната задача ќе ја договориме пред се почитувајќи ги законите и Уставот на РМ, рече Дерковски. Се заложи дека ќе работат јавно и транспаретно“, рече Дерковски.

Се очекува наскоро да биде закажана и конститутивна седница на ДИК.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG