„Нема зошто да не излеземе“, граѓаните за референдумот

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Голем дел од граѓаните би излегле на референдум

Македонските граѓани во септември ќе се соочат со референдумска одлука. Тие се со еднакво поделени ставови како и политичките партии.

Собранието неделава, без присуство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го распиша консултативниот референдум, чие прашање е: „Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Грција?“. Пред да започне референдумската кампања за мотивирање или демотивирање за излезност на 30 септември, ставовите на граѓаните поделени и секој со различни стравови.

Сепак, поголемиот дел велат дека ќе го исполнат своето право на глас.

„Да oди напред, ќе гласам сигурно“, изјави граѓанин.

„Да, ќе излезам да гласам. Сметам дека што поголема излезност има на гласањето, дека тоа едноставно за наша држава се работи и ние треба да одлучиме“, вели граѓанка.

„Секако. Па колку пати сме имале досега референдум, за да не излеземе? Тоа е демократско право, обврска, секој треба да излезе да си го каже својот став - за, против, воздржан. Има многу опции“, изјави Герман Филков.

„Зошто да не? Зошто да не, своето право ќе си го искажеме. Не може никој да ти го скрати правото, секој си има свое право дали ќе биде за или не, тоа е лично наше право.“, вели Нермина Хоџиќ.

Граѓаните кои се изјаснија дека ќе излезат да го исполнат своето право на глас често повторуваат за граѓанската обврска и должност. Но, и за последиците од излезност на референдумот.

„Да, ќе излезам. Тоа ни е должност. А како ќе гласаме, тоа е наша работа. Тоа е добра работа, мора да се гласа. Да излеземе од ова криза. 11 години - 12 не мрдаме никаде. Едно дете ми е во странство, другото ќе ми бега, што да правиме. Мора да ја внесеме Европа овде“, изјави Никола Саздовски.

Покрај ова, Димитрија Стојановиќ, потврдувајќи дека ќе излезе да гласа, истакна дека народот мора да си дава поддршка меѓу себе и да не се дели.

„Милион отсто ќе излезам. Како можеме ние да се прилагодиме ние со цел свет, а не можевме со комшиите да се прилагодиме? Што е ова? Србија не чини, Бугарија не чини, Грција не чини, Албанија не чини, што е работава? Народот го омразија, и што направивме? А зошто? Ние никаква поддршка немаме меѓу себе. Они политиката нека си ја тераат, а народот да не го закачаат. Омраза се направи и сега не може да се очисти.“, истакна Стојановиќ.

Од друга страна, дел од граѓаните сметаат дека и да излезат да гласаат нема да го променат она што го наумиле политичарите.

Немам потреба да излезам, зашто они како ќе кажат, тоа ќе го направат. Нема да излезам, за да не се менува името“, вели граѓанин.

„Не, тоа е моја работа.“, вели граѓанка.

Дополнително, за Павле Христов, повратник од Торонто, Канада за да не се смени името, нема да излезе да гласа.

„Па зависи од прашањето какво е и за што се однесува. Дали сме за НАТО и ЕУ, да го смениме името, тешко прашање, уште потежок одговор. Не би сакал да излезам да гласам. Ако го смениме името... Не би сакал“, вели Христов.

Вчера премиерот Зоран Заев оцени дека бојкотот на референдумот не треба да биде опција на граѓаните.

На нас граѓаните, секому поединечно му е дадена шанса да донесе голема одлука. Сега е време за одлука. Сетете се на референдумот од 1991 година - голема одлука на голем државотворен народ кој се определи за своја иднина во независна држава. Народ кој учи од историјата, дека нема да ги повторува нејзините трауми“, порача Заев, кој не ги разјасни дилемите за тоа што ако не се исполни цензусот од 50 проценти излезност.

Тој изјави дека е убеден дека биде исполнет цензусот и дека мнозинството ќе гласа „за“. Опозицијата пак, бојкотира и не се согласува со Договорот со Грција и референдумското прашање.

„Референдумското прашање кое е спротивно на Законот (задолжителен, наместо консултативен) и спротивно на Законот (еднозначно, наместо трозначно манипулативно прашање) и спротивно на Уставот потврден од народот 1991 и Бадинтер (ЕУ) 1992 година. Не заслужува одговор! Бојкотирам“, напиша пратеникот на опозициската партија Антонијо Милошоски на Фејсбук.

Опозицијата се противи на поставеното прашање бидејќи како што велат во себе содржи три прашања и со тоа се наведуваат граѓаните, иако не сакаат да го прифатат договорот со името да го поистоветат со влезот во ЕУ и НАТО.