ВМРО-ДПМНЕ против референдумското прашање

Игор Јанушев.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека не ја поддржуваат иницијативата за референдумот, пред сè поради референдумското прашање кое за нив не е прифатливо. Но, најавија дека ќе учествуваат на седницата и на гласањето. Се уште не се знае дали ќе го бојкотираат референдумот.

ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржува иницијативата за распишување на референдумот, која веќе е потпишана од координаторите на пратеничката група на СДСМ, ДУИ и БЕСА, но ќе учествува на собраниската седница која е закажана за 15:30 часот. Во иницијативата е наведен датумот 30 септември за одржување на референдумот, како и референдумското прашање, кое што беше најавено од премиерот Зоран Заев - Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев придружуван од пратениците на партијата на прес-конференција пред Собранието порача дека парламентарното мнозинство се обидува со сила и без аргументите на опозицијата да протурка прашање кое е неприфатливо.

Прашањето кое се предлага од власта - Дали сте за сте за членство во ЕУ и НАТО поддржувајќи го Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција е во целосна спротивност со законот, истото е двосмислено, и повеќезначно и пред сè е манипулативно. СДСМ сака да ја изигра волјата на народот и преку кршење на закони сака да протне договор кој е капитулација нечесно поврзувајќи го со членството во ЕУ и НАТО што е пак заедничка цел на сите. Бараме итно да се откаже парламентарното мнозинство до вакво насилничко однесување“, вели Јанушев.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Јанушев: Прашањето за референдумот е двосмислено и манипулативно

Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на седницата со цел со сите факти да се обидуваат да делуваат на владејачкото мнозинство. На прашањето дали ќе учествуваат и на гласањето, тој одговори дека ќе бидат вклучени во целиот процес. За евентуален бојкот на референдумот ќе одлучува, според Јанушев, ќе одлучуваат највисоките партиски органи на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ најавија дека без разлика дали од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја потпишат иницијативата тие ќе ја достават до претседателот на Собранието, Талат Џафери и ќе бараат од него денеска да ја закаже седницата.

Премиерот Заев денеска ја повика опозицијата да му даде поддршка на владејачкото мнозинство и да ги повика граѓаните да излезат на референдумот.

„Знам дека прашањето е тоа кое што го објавивме - Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Македонија и Грција, знам дека референдумот ќе биде консултативен и уште еднаш само ја користам приликата опозицијата навистина да се вклучи и да повика на гласање за да можат граѓаните да излезат масовно и да го кажат својот глас“, изјави Заев.

Во Собранието свечени заклетви дадоа членовите на ДИК кои денеска ќе ги преземат своите функции.