Фокус - СДСМ-Тендерска и ВМРО-Обвинета го загрозуваат референдумот
Летниот двоброј на Фокус со остар наслов на уводникот: „СДСМ-Тендерска и ВМРО-Обвинета го загрозуваат референдумот“, а како појдовна поента служи насловната страница со карикатура на министерот за здравство Венко Филипче со рибарска опрема и со наслов: „Мега-корупциски скандал на новата власт – Филипче не фати рипче, ама се заплетка во мрежа од лаги“.
Главниот и одговорен уредник изразува загриженост дали актуелните корупциски скандали може да имаат сериозно влијание врз определбата на граѓаните на претстојниот референдум за Договорот со Грција. Во уводникот се спомнува и вицепремиерот Анѓушев чии фирми на двапати се случува да добиваат тендери и грантови, а тој, вели, ни држи лекции дека тие требало да работат, без оглед што тој е министер. Па го прашува „кој збор од реченицата ’Не може да работат со пари од државата, сè додека си ти вице-премиер‘“ не му е јасен. „Да не би да се случи, наместо за прифаќање на договорот кој треба да ја реши нашата перспектива за членство во НАТО и ЕУ, граѓаните да се изјаснуваат против корупцијата на актуелната и против криминалот на поранешната власт“, загатнува Фокус, „па наместо казна за нив, сите да бидеме казнети со тоа што Македонија ќе остане заглавена на слепиот балкански колосек“.
Фокус смета и дека Владата на Заев мошне брзо и на најлошиот можен начин го троши кредитот што го доби на домашен и особено на меѓународен план во изминатава година, но не е загрижен за нејзината иднина. „Политичарите на власт мора да бидат менливи. Особено корумпираните. Загрижува тоа што Македонија нема алтернатива“, пишува Фокус.
Капитал - Тешки пристапни преговори за членство во ЕУ
За друга тешка тема анализира исто така двобројот на Капитал – за она што нè чека во таканаречениот скрининг период до почнувањето на „тешките пристапни преговори за членство во ЕУ во јуни следната година“. Па потсетува дека со посетата на еврокомесарот Јоханес Хан и експертите од Европската комисија на 17 овој месец почна и официјално аналитичкиот преглед на усогласеноста на домашното законодавство со европското. Неделникот наведува дека Македонија во следниот период ја чека многу обемна и макотрпна работа во која треба да бидат вклучени 1.000 до 2.000 луѓе од различни институции и сегменти, а брзината со која ќе го завршиме аналитичкиот преглед, како и со која брзина ќе ги отвораме и затвораме поглавјата во преговорите зависи од нас самите. Односно, нагласува Капитал, дали администрацијата и институциите имаат капацитет и подготвеност да ги изнесат и имплементираат потребните реформи. Уште повеќе, „дали имаме волја и дали сме добро организирани“, го цитира неделникот државниот советник со Секретаријатот за европски прашања. Скринингот, инаку, почнува со најчувствителните поглавја, 23 и 24, првото за правосудството, кое се смета за клучно за владеење на правото и воспоставување на правна сигурност во земјата при што во оваа област ЕУ не прифаќа половични решенија за ниту една земја која сака да стане членка на Унијата. ... а второто е за правдата, слободата и безбедноста.