Николоски - Ако овој не помине, ВМРО-ДПМНЕ ќе постигне подобар договор за името

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Николоски - Докажување на невиност, а не амнестија

Доколку граѓаните и Собранието не го прифатат овој договор за името со Грција, идна влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го препреговара договорот и убеден сум дека ќе постигнеме подобар, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Николоски, ако последните десет години по Самитот на НАТО во 2008 е јасно дека нема напредок кон ЕУ и кон НАТО без решен проблем за името, а вие тврдите дека сте евроатлантски ориентирана партија, како тогаш ќе се напредува кон евроатлантските структури ако не се реши проблемот со Грција?

Првиот пилар се реформите кои мора да се прават, вториот е спорот за името. Јас сум апсолутно убеден дека може да се постигне подобар договор од овој со Грција. И сум апсолутно убеден да имаше Владата поинаква преговарачка позиција, можам и да ја објаснам во кое делови, дека ќе имаше подобар договор. Прво, не може да дозволите грчката страна да ангажира 60 меѓународни експерти, пред сè адвокати по меѓународно право и експерти по меѓународно право, вие да не ангажирате ниту еден и на крај да ангажирате еден. Не може да одите јавно со тактиките со кои ќе одите во преговорите и да ги знае другата страна, не може да менувате ставови секој месец и најбитно, не може да очекувате да постигнете договор и да очекувате тој договор да ви донесе покривање на политичките проблеми дома, затоа што во такви услови другата страна, а да не ја потценуваме грчката дипломатија е многу силна, ни ги знае сите слаби страни и тука удира. Сметам дека можеме да седнеме и да го препреговараме договорот, затоа што сметам дека е и во интерес на Грција да се реши ова прашање и не можам да се согласам дека Грците немаат никаков интерес да се реши ова прашање и можеме да постигнеме апсолутно подобар договор, договор кој нема да значи промена на Уставот на Република Македонија.

Што значи препореговарање, тоа значи дека доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт дека нема да го почитува договорот?

Тоа значи дека една идна влада на ВМРО-ДПМНЕ би се спремила многу подобро, би ангажирала многу повеќе експерти околу себе и доколку сега не помине оваа промена на Уставот, затоа што ако помине граѓаните треба да се свесни дека работата е завршена, но доколку овој договор не е прифатен од граѓаните и од Парламентот, ние сме подготвени со оваа или со некоја друга грчка влада да преговараме и сум убеден дека ќе постигнеме подобар договор.

Дали вие лично како потпретседател на ВМРО-ДПМЕН сте за амнестија на случаите што се водат против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ?

Јас лично сум за тоа сите луѓе кои се обвинети да си ја докажат својата невиност на Суд за да не им стои товар цел живот дека можеби биле виновни, но добиле некаква милост, односно добиле амнестија. Проблемот тука е како се поставува СЈО и како се поставува Судот, сè уште има време да го променат тоа, затоа што најголем дел од случаите се во тек на судење. Ние ќе го следиме тоа и соодветно на тоа ќе даваме коментари во иднина.

Целото интервју со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.