Достапни линкови

Дaли партиските лидери се искрени за она што точно разговараат на средбите?


И покрај најавениот напредок на вчерашната лидерска средба денеска од партиите не откриваат за кои теми има напредок, а за кои не. Дел аналитичари сметаат дека лидерите не се сосема искрени кон јавноста за тоа за што точно се разговара.

По четиричасовната средба на лидерите на четирите најголеми парти од која тие излегоа без да откријат многу детали, денеска ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека останува речиси на истите позиции.

И премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера рекоа дека за дел прашања постигнале приближување во ставовите, а за дел не.

По синоќешната средба на партискиот Извршен комитет од опозициската партија соопштија дека остануваат на „договорените концепти за финансирање на партиите и формирање техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори“.

„За да се види јасно волјата на граѓаните на референдумско изјаснување, Извршниот комитет смета дека мора да се почитува законот кој предвидува недвосмислени прашања“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ во врска со можното референдумско прашање.

Премиерот Заев претходно најави дека тоа би можело да гласи „дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?

Од СДСМ, пак, и денеска наведуваат дека „ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека договорот ја носи Македонија напред, но нив ги интересира само личен интерес и амнестија и затоа се трудат да ја лажат јавноста“.

Најблиски позиции за финансирањето на партиите

Од досегашните изјави на партиските челници најмал проблем од сите отворени се чини дека е финансирањето на партиите. Заев тврди дека за тој закон постои консензус и апелираше до парламентот да го поставел на дневен ред.

Техничката влада по пржинскиот модел, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ и барањето за амнестија, како што постојано наведува СДСМ, би требало да бидат двете прашања за кои партиите имаат најголеми несогласувања.

Во очекување на новата лидерска средба која, според најавата, ќе се одржи в недела или понеделник и партиските соопштенија од кои не може да се препознае во кои области има напредок, а во кои не, впечатокот на политичкиот аналитичар Џелал Незири е дека партиите не се сосема искрени.

„Мислам дека оваа клучна улога на ВМРО-ДПМНЕ сега се обидуваат некои структури во партијата да ја искористат за лични цели-дали е тоа договор за амнестија или нешто друго се крие зад тоа, не знаеме. Затоа мислам дека дел од проблемите може да се решат само со директна, тет-а-тет средба меѓу лидерите Заев и Мицкоски, бидејќи не мислам дека се работи за политички прашања“, вели Незири.

ВМРО-ДПМНЕ се уште без став за референдумот

Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ не откриваат никакви детали се до конечниот исход од лидерските средби.

Високи извори од партијата на прашањето дали нивниот лидер Христијан Мицкоски сепак, нема да повика на бојкот на референдумот, како што вчера јави МИА, денеска велат дека се уште нема одлука.

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е оној кој е и претходно познат, а тоа е дека во зависност од околностите ќе се дејствува. Во моментов сите опции се на маса, да почекаме финален исход од средбите“, велат за Радио Слободна Европа извори од ВМРО-ДПМНЕ.

Истите извори не сакаат да коментираат ништо околу другите теми на лидерските средби, најавувајќи воздржаност до нивното завршување.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG