Иванов не го потпиша Договорот, Македонија чека датум

Претседателот Иванов донесе одлука да не ја потпише ратификацијата на Договорот со Грција. Според него, спогодбата е противуставна и надвор од резулуциите на ОН. Во Луксембург пак, Советот на ЕУ расправа за проширувањето на ЕУ, односно почеток на пристапни преговори на Албанија и на Македонија

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов донесе одлука да не го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Kонечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817(1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.

Во Одлуката што Кабинетот на Иванов ја испрати до медиумите се наведени причините поради кои претседателот нема да го потпише Указот. Според Иванов, Законот за ратификација на спогодбата не е во согласност со член 51, член 118 и член 119 од Уставот на Република Македонија, а спогодбата излегува надвор од опфатот на резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Претседателот наведува дека спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно Република Грција, а озаконувањето на оваа спогодба создава правни последици што се основа за кривично дело.

Според Уставот и собранискиот Деловник, во случај на вето од претседателот на државата, законот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници, односно да добие зелено светло од најмалку 61 пратеник. Законот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.

На ваквата одлука на Иванов реагираа од Владата. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека ваквиот потег на Иванов бил очекуван и оти тоа нема да влијае на имплементацијата на договорот.

„Одлуката на Иванов не влијае на чекорите односно имплементацијата на фазите од договорот. Владата на Грција веќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО“, изјави Бошњаковски.

Во партиската реакција на СДСМ се наведува дека „Ѓорѓе Иванов работи на директна штета на граѓаните, против Македонија и против македонската иднина”.

„Иванов не смее да ја кочи македонската иднина. Постигнатиот Договор меѓу Македонија и Грција е патриотски чин, го заштитува и зацврстува македонскиот идентитет и обезбедува полноправно членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. За иднината нема да одлучува деструктивниот Иванов, туку сите граѓани”, се вели во соопштението од СДСМ.

Инаку, денеска во Луксембург во тек е состанокот на Советот на министри на Европската унија за општи работи каде што се разговара за политиката на проширување на ЕУ и процесот на стабилизација и придружување на Западен Балкан во Унијата. Министрите разговараат за извештајот на Европската комисија за Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, БиХ, Косово и Турција.

Се очекува Советот да го потврди определувањето за проширување како стратегиско вложување во мир, демократија и стабилност на Европа.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан вчера побара од Советот да даде зелено светло за почеток на преговорите за членство со Македонија и Албанија. Тој од Луксембург испрати порака дека Македонија по договорот и компромисот со Грција треба да биде наградена, а во спротивно, ако бидат одбиени заедно со Албанија се заканува нестабилност за целиот регион.

„Сите треба да бидат свесни за тоа и се надевам дека на крајот ќе сфатат колку е важно да се испрати позитивен сигнал за регионот“, изјавил Хан на состанокот ЕУ и Црна Гора.

По Договорот за името, Грција веќе не е пречка за Македонија, но сега Франција е единствената земја која се противи на Македонија месецов да и се одреди датум за старт на преговори. Во обид да се убеди Франција, земјите членки прифатиле да се одреди условена одлука за преговори без временски рок кога конкретно тие би почнале, но ниту тоа не било доволно. Париз прифаќа да има „што попозитивен речник“ и охрабрувања за Македонија, но смета дека преговори во јуни не се можни. Деновиве и државниот секретар на САД Мајк Помпео побара од Франција да не го блокира пристапувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ.

В четврток и петок претстои самитот на лидерите на земјите членки на ЕУ на кој треба да се донесе одлуката за отворање на пристапните преговори со Македонија и Албанија.