Достапни линкови

ЕК ќе препорачала отворање на преговори со Македонија


Дописниците на РСЕ од Брисел имале увид во документот што ќе биде објавен на 17 април во Стразбур и јавуваат дека извештајот за напредокот на Македонија е меѓу попозитивните во овој пакет на Брисел, кој „јасно ја препознал политичката волја за напредок“.

Европската комисија следната недела ќе објави Пакет за проширување во кој се проценува состојбата во државите кои настојуваат да се придружат на 28-члениот блок.

Дописниците на Радио Слободна Европа од Брисел имале увид во документот што ќе биде објавен на 17 април во Стразбур и јавуваат дека критични точки во сите држави од Западен Балкан, според оценката на ЕК, остануваат оние што се поврзани за владеењето на правото, а „организираниот криминал и корупцијата остануваат синоним за секоја држава во регионот“.

Според извештајот, „шампион во регионот е Албанија, а Македонија ќе добие препорака за отворање на пристапните преговори и позитивни оцени за новата влада.

„ЕК повторно во повеќе наврати го користи изразот заробени држави. Јавната управа во државите до регионот останува слаба, и малку или воопшто нема прогрес на полето на слобода на изразување“, стои во извештајот во кој увид имале дописниците на РСЕ во Брисел.

Во извештајот повторно се нагласува дека „билатералните спорови и понатаму се главни пречки во процесот на евроинтеграција, и во претходниот период не е постигнат ниту еден резултат во решавање отворени прашања меѓу соседите“.

Македонија - позитивни оцени за новата влада во Скопје

Европската комисија повторно препорачува отворање на пристапните преговори со Македонија, а извештајот за напредокот на Македонија е меѓу попозитивните во овој пакет на Брисел, кој, како што стои во извештајот, „јасно ја препознал политичката волја за напредок“.

Во извештајот за Македонија, јавуваат дописниците на РСЕ од Брисел, се предупредува дека „штетата која се правела години на назад не може да се среди преку ноќ“, но дека Македонија ја надминала длабоката политичка криза и дека структуралните реформи се долг процес кој може да потрае.

Во истиот нацрт-извештај за Македонија се нагласува дека за понатамошен напредок на земјата од одлучувачка важност се задржувањето и продлабочувањето на процесот на донесување на итните реформски приоритети.

Албанија - регионален „шампион“

Овогодишен „шампион“ ќе биде Албанија која ќе добие препорака за отворање пристапни преговори, а за Косово во извештајот се потенцира дека „почнатите реформи биле забавени од развлекувањето на изборниот процес“.

За Црна Гора е нагласено дека „има напредок на хартија, а во пракса заостанување“. Забавување на реформите е констатирано и во Босна и Херцеговина.

На Србија ќе ѝ биде препорачано дека до ЕУ може да стаса со реформи и со дијалог.

XS
SM
MD
LG