Договорот за името нема да оди лесно

Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас го прославуваат потпишувањето на договорот за името на 17 јуни 2018 во Псарадес

Бројни пречки стојат на патот за евентуално стапување во сила на договорот за името – од претседателот, референдумот, двотретинското мнозинство, до волјата во грчкиот парламент.

Договорот за името ја помина првата пречка, но му претстои трнлив пат и неизвесен епилог. Договорот што го потпишаа министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров во Преспа ги помина комисиските расправи во Комисијата за европски прашања и Законодавно-правната комисија, а денеска поминува и на пленарна седница.

Но, проблемите следуваат после тоа.

Првата пречка е претседателот Ѓорге Иванов. Тој веќе се изјасни дека нема да го потпише договорот. Доколку не го потпише, тогаш во рок од 30 дена Собранието ќе треба повторно да го изгласа. Тогаш, претседателот има обврска да го потпише, но никој не може да го натера. Слично нешто се случи со Законот за јазиците, кој беше донесен од Собранието, но не стапи во сила зашто претседателот не го потпишува. Премиерот Зоран Заев во интервју на Канал 5 рече дека доколку Претседателот Иванов не го потпише договорот и по евентуално успешниот референдум, тие ќе побараат импичмент. Сепак, тоа е комплицирана процедура, затоа што за да се разреши претседателот е потребно двотретинско мнозинство од пратениците, што власта сега го нема, но и да го обезбеди, потоа е потребно двотретинско мнозинство во Уставниот суд. Друго сценарио е да се почека да му заврши мандатот на Иванов во мај наредната година и евентуално да се почека избор на Претседател кој би го потпишал договорот.

Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски вели дека меѓународната заедница јасно ставила до знаење дека тој договор ќе ги предизвикува правните дејствија.

„И сега чекање да му заврши мандатот на овој Претседател, ако не може да биде отповикан, а имајќи предвид за какво прашање се работи, за опстанок на државата, мислам дека никој нема нас да не чека да дојде до смена на претседателот па да се воспостави редовниот деловнички процедурален систем“, вели тој.

Наредно прашање е референдумот. Прво, дали ќе има доволна излезност, и второ, доколку има, дали повеќе од половина од излезените граѓани ќе го поддржат договорот. Со оглед на тоа што на избирачкиот список има околу 1,8 милиони избирачи, за референдумот да успее, потребно е да излезат најмалку 900 илјади граѓани и најмалку половина од нив да гласаат за договорот. Во случај опозицијата да повика на бојкот на референдумот, речиси е неизводливо тој да биде успешен. Слично нешто се случи со референдумот за територијалната поделба во 2004 година, кој не успеа затоа што беше бојкотиран од тогашната власт. На референдум тогаш излегоа околу 450 илјади граѓани, односно околу 27 отсто од регистрираните гласачи. Сепак, власта има опција, наместо задолжителен, да организира консултативен референдум, кој не ја обврзува. Такво нешто навести премиерот Заев при соопштувањето дека е постигнат договор со Грција.

„Ќе одлучиме веројатно во процесот што доаѓа пред нас, Уставот ги дава двете варијанти, но и да биде задолжителен директно ќе значи задолжение за институциите на државата, но и да биде консултативен, истовремено повторно ќе значи задолжение за институциите на државата. Верувам дека институциите заедно ќе одлучиме како тоа ќе биде, но во секој случај, конечниот збор за овој договор ќе го кажат граѓани, а после тоа соодветно и институциите на Македонија“, рече тогаш Заев.

Пречка во вакво сценарио може да биде опозицијата, која инсистира на задолжителен референдум.

Во ситуација, пак, референдумот да биде успешен и граѓаните да го прифатат договорот со Грција, потребно е двотретинско мнозинство во Собранието да се донесат измените на Уставот и уставното име предвидени со договорот. Тоа значи дека најмалку десетмина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да гласаат за измените.

На крај, доколку договорот, и покрај сите пречки во Македонија помине, ќе треба да го помине и гласањето во грчкиот парламент, каде што исто така има големо противење.