Голејшка: Убаво е кога песните извираат и стигаат до публиката

„Напишан дом“ е втората поетска збирка на Ана Голејшка, што неодамна се појави како еден од четирите нови поетски наслови од едицијата „Огнови“ на издавачката куќа „Антолог“. Книгата доаѓа по скоро пет години од деби објавата „Љубов на улица“ и за неа рецензентот Ѓоко Здравески ќе напише дека е „метафора за цел еден разнобоен и полнострастен свет собран во едно човечко тело“.

Што е љубов?

љубов се многу работи

апаратчето за мерење притисок пример,

ги вкрстува притисоците на мајка ми и татко ми
секој ден наизменично се мери
љубов е тивкиот договор меѓу мене и него кој да ги измие садовите
кутивчето за клучеви во ходник
Јорганите здиплени. Меѓу нив заталкан чорап.
љубов е поштенското сандаче
тегла со слатко од смокви
другарска посвета во книга
и сите новороденчиња што си ги бараат идните денови.

Ова е само една од песните што можете да ги прочитате во втората поетска збирка „Напишан дом“ на Ана Голејшка, што неодамна се појави како еден од четирите нови поетски наслови од едицијата „Огнови“ на издавачката куќа „Антолог“.

За Голејшка, Ѓоко Здравески, знае да каже дека е Даница Ручигај на својата генерација, пред сѐ според духот и според присутноста на нејзината појава. Тој истакнува дека тоа е „жена што му пркоси на градот што го љуби и на луѓето што живеат во него“. Потенцира дека „во поезијата таа е во исто време жена што отмено, со главата крената угоре, чекори низ улиците на градот, млада вљубена девојка што разиграно шлапка во вирчињата со своите гумени чизми, детенце што љубопитно го пика носот по ќошињата и таму намирисува обични, секојдневни волшепства“.

Во својата рецензија за „Напишан дом“, тој пишува: Ова е поезија од која потекуваат води во устата. Постојана синестезија. Ритмичен и римичен напад на сетилата. Вкусна потпечена турлитава полна љубов, но и полна страст. Полна жизнерадосност, но и сина тага, и страв роден од сознанието за минливоста и распадливоста човечка. Во оваа поезија е собрано сето човеково постоење: од утробата на мајката Жена, до утробата на мајката Земја. Земја, воздух, вода, сонце. Цврсти симболи се вградени во темелите на „Напишаниот дом“ на Ана Голејшка, а од тие темели потоа никнуваат раскошни слики создадени од современ јазик, кој во нејзината поезија нема функција да очуди или да привлече нечие внимание, туку само да посведочи за слободата со која Голејшка ги пишува своите песни. Поезијата на Ана Голејшка е дете заиграно на детско игралиште со кришка леб во раката.

Поетесата, пак, истакнува дека „пишува секој божји ден ама дека во случајов реализацијата и била побавна оти е човек кој си пишува кај ќе стигне – на социјалните мрежи, по тетратки, на салфетки и никогаш немала потреба сето тоа да го стави во корици“. Но, кога веќе излегол Конкурсот на Министерство за култура си рекла „зошто да не, кога веќе имам толку многу напишани работи“.

„Во меѓувреме сменив три врати, три куќи. Живеев со сестра ми, потоа со момчето сега веќе и сопруг, па некако си реков јас си ги пишувам животните ситуации дај ова да го издадеме. Помина на конкурсот и го виде светлото на денот“, вели Ана.

Таа дополнува дека нејзе ѝ е интересно тоа што од книгата „Љубов на улица“ (објава на книгоиздателството Култура) до следната „Напишан дом“ ( Антолог) како да има една отсечка. Дека во меѓувреме од човек којшто инспирацијата ја барал надвор, кон улицата речено метафорично, сега веќе „одеднаш влегла во едно друго внатре или друго надвор, сеедно“. Во симболот на дом, затоа што и самата созреала. Дека нема повеќе 25 туку 30 години, а во тие пет години има голема разлика и „инспирацијата си знаела што треба да направи“.

„Јас поезијата и начинот на којшто си се изразувам ги гледам како филтер. Како нешто што ме спасува секојдневно. Ме лечи. Ми помага да си се откривам и себе и другите луѓе, така да е благодет кога не пишуваш ангажирано или кампањски. Или кога се бориш со нешто. Убаво е кога песните извираат и стигаат до публиката. За мене тоа е вистинска поезија“, смета Голејшка.

Ана и Ѓоко Здравески се и иницијаторите за почеток на серијата неформални поетски настапи „Астални проекции“ кои не само што стигнаа до бројката 40, туку и околу себе на исклучително шармантен начин ја собраа новата генерација на творци и подржувачи.

Од таму не чуди кога таа забележува дека „растењето на Астални проекции, нејзиното и на Ѓоко растење, како и на една цела книжевна група, си повлекло своја енергија“. За неа тоа било сигурно место каде секој месец можела да открива нови книжевни светови. И за поезија и за проза и да се инспирира бидејќи „тоа е тој наш книжевен свет“.

„Астални проекции на Ѓоко и на мене ни се како некое заедничко книжевно дете коешто си расте со секој месец, со секоја година, со сите нови книжевни луѓе што доаѓаат и е баш направено така – од чиста волја и од љубов кон книжевноста“, ќе рече Голејшка.

Според неа, на овие читања се појави и она што условно може да се нарече „нов бран во македонската поезија, во македонската книжевност“. Таа појаснува дека не би било фер или дека би било крајно некоректно да се каже дека тој бран не постои или дека го нема. Истакнува дека мнозина млади творци дури биле инспирирани од овие случувања за да заборават на тоа дека можеби немале доволно храброст за да на еден таков начин се појават во јавноста.

„Голем број од нив се и, да речам, сериозни творци на кои треба да им се обрне внимание. Да им се даде шанса да бидат и понатаму активни и актуелни. Притоа најважно од сè е да не се заборави дека реално, освен Астални проекции, во Скопје поетски фестивал или нешто што наликува на тоа баш и нема и мислам дека многу од тие деца и млади луѓе тука си го најдоа местото“, заклучува Ана.

​Родена во август 1987 година, Ана Голејшка дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност. За неа е познато дека е девојка од градот, сака да пее и да перформира, дека е уживач во храна и во готвење и цели три години е посветен социјален активист како дел од иницијативата #ретвитниоброк.

И згора дека осцилира низ книжевната сцена, често како интерпретатор на стихови. Свои и туѓи. Настапувала на многу поетски читања, а имаше свој настап и на Струшките вечери на поезијата во 2011 година, на Ноќи без интерпункција ...

Нејзините песни се најдоа во изборот на Антологијата на најмладата македонска поезија и проза - „ветерот носи убаво време“, Антологијата на млада македонска современа авангардна поезија и „Лирски додекамерон“ - антологија на младата македонска поезија ( сите од 2012 година) и мноштво други.

Преведувана е на српски, турски и англиски јазик, а нејзините песни минатата година се најдоа и во списанието „Mantis“ кое го објавува Универзитетот Стенфорд во САД.