Новото име во рацете на Заев и Ципрас

Архивска фотографија- Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас,Софија, 17.05.2018

Во очекување на контактот меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, официјално не се откриваат детали од постигната рамка за договор за името. Грчки телевизии и македонски опозициски пратеници пишуваат за наводни детали од фазно решение на спорот.

Македонската влада не открива никакви детали, грчката бара ладнокрвност и трпение, а тамошните медиуми и македонските опозиционери објавуваат конкретни точки од договорот за името.

Од македонската влада велат дека се уште нема најава кога би се случил контактот меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас. Министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас соопштија дека ја завршиле својата работа, а дека сега е клучно двајцата премиери да пресечат. Контактот, според најавите, би се случил деновиве, откако експертските групи кои се среќаваат во Атина ќе ја завршат својата работа.

Извори од грчката влада за агенцијата АНА-МПА велат дека е направен значаен напредок, но дека во преговорите не е се завршено и дека се наоѓаат во круцијална пресвртна точка.

“Трпение и ладнокрвност се потребни до јунскиот самит на ЕУ” велат извори од грчката влада за агенцијата.

Грчките телевизии Скај и ЕРТ и поранешниот министер за надворешни работи, сега пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски објавија точки од постигната рамка кои би се реализирале во следниот период. Милошоски за РСЕ потврдува дека информациите ги добил од релевантни извори запознаени со процесот.

Според објавеното, кое е слично и кај грчките медиуми и кај опозицискиот пратеник, ако се стигне до решение, договорот би го потпишале Заев и Ципрас во Преспа. Потоа ќе следи ратификација во македонското собрание со мнозинство од 61 пратеник, па Грција преку дописи до НАТО и ЕУ ќе ги одобри закочените процеси, но под услов да има уставна ревизија, есенва ќе се одржи референдум за ново име, па по него македонското собрание со двотретинско мнозинство ќе треба да одобри уставни измени, по што договорот би бил ратификуван во грчкиот парламент.

Но, засега како дел од планот не се наведува кое би било новото име, откако Република Илинденска Македонија, наводно испадна од игра. Грчките медиуми пишуваат дека во игра е повторно име кое се поврзува со Крушево, а од претходните предлози на посредникот Метју Нимиц најмногу ги споменуваат Горна и Северна Македонија.

Република Илинденска Македонија дојде како предлог на македонската влада и беше изненадување за јавноста. Политичкиот аналитичар Алајдин Демири смета дека сега нема да има изненадувања и оти разговорите ќе бидат фокусирани на веќе познатите предлози.

“Одлучувањето ќе биде напорно и тешко. Сметам дека ќе има една рамка при парафирањето на начелниот договор, а за посериозните проблеми ќе се даде дополнително време да се решат” вели Демири.

Во меѓувреме, додека се очекуваат последните контакти во крајната фаза од процесот, како што ја нарекоа министрите Димитров и Коѕијас, не стивнуваат пораките од меѓународните фактори дека решение треба да се постигне. Непосредно пред посетата на Коѕијас на Берлин, каде што ќе се сретне со неговиот германски колега Хеико Мас од министерството побараа да се искористи историската можност за договор кој ќе има позитивен ефект за билатералните односи како и за регионалната стабилност.