Седиштето на Правниот факултет од Кичево се сели во Битола

Илустрација: Студенти во Битола

Пратениците Александар Кирацовски и Горан Милевски поднесоа предлог-закон, според кој седиштето на Правниот факултет од Кичево се сели во Битола.

Наскоро се очекува седиштето на Правниот факултет од Кичево да се префрли во Битола, каде досега имаше само дисперзирани студии. Ваквиот чекор за пренесување на факултетот е последица назголемениот интерес за упис на студенти во Битола, а намалениот во седиштето во Кичево. Факултетот беше отворен пред десетина години, кога политика на претходната власт беше да отвора факултети на места каде претходно немало.

Предлог законот до Собранието за промена на седиштето го поднесоа пратениците од Битола, Александар Кирацовски и Горан Милевски.

„Токму во седиштето во Кичево имаме негативен тренд на запишување на студенти, а фактите покажуваат позитивен тренд на запишување на студенти на Правниот факултет во Битола. Тука имаме и голем број на институции како Основен и Апелационен суд, Основно и Виши јавно обвинителство, регистрирани 146 адвокати и адвокатски друштва, седум извршители и 13 нотари, голем број приватни компании, невладини организации кои ќе значат развој на овој факултет и знаењето на студените“, рече Кирацовски.

Свој Правен факултет, Битола имаше уште во 1970 година, но со текот на годините згасна, а беше обновен во 2008 година, но само како дисперзирана студиска програма. Промената на седиштето што се планира нема да значи укинување на студиите Струга и Кичево.

„Поднесовме предлог закон со кој бараме промена на седиштето на факултетот, наместо во Кичево да биде во Битола, што не значи дека кичевскиот факултет и студиите во Струга ќе бидат укинати, напротив, ќе се зголеми квалитетот во истите, а студентите од тие факултети ќе можат своите знаења да ги надоградуваат во Битола, каде ќе биде седиштето“, рече Кирацовски.

Ректорот на Битолскиот универизтет Сашо Коруновски и деканот на Правниот факултет Горан Илиќ сметаат дека ова ќе донесе понатамошна перспектива за факултетот.

„Минатото нè учи да видиме кои се предизвиците на Правниот факултет и да го ставиме на правите насоки за да добиеме еден функционален универзитет и тој да биде еден од столбовите на Битолскиот универзитет“, рече ректорот Коруновски.

„Да го потврдиме значењето на Правниот факултет на нашиот универзитет и на факултетот како таков поради неговите развојни перспективи и неговиот потенцијал кадровски, во однос на постоечките студенти и неговата атрактивност во упис на нови студенти понатаму“, рече деканот Илиќ.

Според истражувањето на Македонското здружение на млади правници, правните студии се трети по број на запишани студенти во земјава. Понатаму, бројот на запишани студенти на правните факултети се зголемува континуирано и со поголем обем од зголемувањето на вкупниот број запишани студенти на сите високообразовни институции. Воедно, во последните години не е забележан значителен тренд на зголемување, односно намалување на бројот на невработени лица со високо образование од областа на правото.