„Молк од средбата во Виена“, ја наслови Независен информацијата оттаму наведувајќи дека оваа Виенска рунда поминала без изјави од грчкиот и македонскиот преговарач, Коѕијас и Димитров. Само од медијаторот Нимиц чии зборови ги пренесоа сите електронски изданија на печатените медиуми: „Двете страни се посветени кон изнаоѓање решение, процесот продолжува“, објавија Нова Македонија, Вечер и Слободен печат.
Нова Македонија ја објави и изјавата на министерот без ресор и портпарол на грчката Влада, дадена неколку часа пред двајцата министри да го почнат состанокот во Виена, Ѕанакопулос: „Атина направи отстапки, сега на ред е Скопје“. Тој ги повторил грчките ставови: прво, сложено име и второ, важење на името ерга омнес за што предуслов, според него, било „модификација на уставното име на соседот“. Истиот весник го пренесува и пишувањето на медиумите во соседната земја што го става под еден наслов: „Клучна средба во Виена, спорно – опсегот на употреба“.
Вечер објави: „Хан ги разгневи грчките дипломати со изјавата дека за две недели ќе има решение за името“. Вечер ја дополнува информацијата со изјавата на премиерот Заев дека би сакал „да се изнајде решение за спорот со името за две недели од сега, но дека тоа е премногу краток период за решавање на овој повеќе децениски проблем со нашиот јужен сосед“.
Вечер и Независен информираат за новоформираната неформална олеснувачка група „Охрид“, „од професионалци со успешен политички бекграунд за интеграција на Македонија во НАТО“, како што насловува Вечер, а Независен наслови: „Рамковните олеснувачи ќе ни олеснуваат за НАТО и ЕУ“, наведувајќи дека предводник на новата меѓународна група пријатели на Македонија е лорд Џорџ Робертсон, кој во времето на преговорите во Охрид во 2001-та беше генерален секретар на евроатлантската Алијанса.
Премиерот Заев најави дека по 1 Мај ќе се знаат имињата на новите министри и дека потоа ќе бидат извршени и смените на директорските места. Вечер додава дека премиерот изјавил дека се преговара со двете крила на БЕСА и со Мендух Тачи. Независен ја пренесува Радио Слободна Европа која го објави најновиот извештај на Стејт департментот за почитувањето на човековите права во 2017 година во кој, покрај другото, се наведува дека „Владата преземала некои мерки за истражување, гонење и казнување на претставници кои извршиле злоупотреби, вклучително и полицајци виновни за употреба на прекумерна сила“, со наслов: „Неказнивоста останува најголем проблем во Македонија“.
Вечер објави наслов: „Антикорупционери од Брисел, Берлин и Скопје ќе го испитуваат влијанието на вицепремиерот Анѓушев врз стечајот за ’Фени‘“. Против Анѓушев била испратена претставка од сопственикот на Фени дека тој наводно го оркестрирал целиот случај за да го заштити уделот на неговата компанија на пазарот. Независен го објави соопштението од Кабинетот на Кочо Анѓушев дека „Стечајната постапка во Фени Индустри се води во согласност со Законот за стечај“, а Нова Македонија информира дека вицепремиерот Анѓушев ја продал својата компанија ЕДС на грчкото Електростопанство - ППЦ, за 4,8 милиони евра.
Слободен печат информира: „Поставен нов филтер и вратена во функција печката за медицински отпад во Дрисла“. Пред неколку месеци печката беше затворена од Државниот инспекторат за животна средина како главен загадувач на воздухот во Скопје. Независен, пак, дополнува дека на пуштањето на новиот филтер на печката не присуствувало ниедно од 11-те поканети невладини здруженија кои досега беа главни поборници за чист воздух во Скопје.