Достапни линкови

Со добри закони и финансиска независност до слободни медиуми


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Иако според најновиот извештај на „Репортери без граници“, Македонија бележи благо подобрување на состојбата со медиумите, таа сепак е најлошо рангирана на Балканот. Упатените велат дека има уште многу работа за надминување на наталожените проблеми.

„Падот на режимот на Никола Груевски доведе до мало намалување на владината контрола врз медиумите, но сè уште е прерано да се биде сигурен во намерата на владата да создаде трајно подобрување на ситуацијата. Нема значителни промени во економската состојба на македонските новинари, кои обично се слабо платени и имаат мала работна сигурност“, се вели во најновиот извештај на организацијата „Репортери без граници“.

Директорката на Македонскиот институт за медиуми Билјана Петковска, не се согласува со оценката за Македонија во извештајот, според кој земјава е најлошо рангирана од Балканот, особено затоа што, како што вели, во изминатата година медиумската сфера е ослободена од политичкиот притисок кој постоеше во претходните десет години.

„Важно е што владата декларира јасна политичка волја за подобрување на состојбите во оваа сфера, а прв важен тест за тоа колку таа определба ќе функционира на дело ќе биде изборот на членовите на Советот за јавниот сервис и на Агенцијата за медиуми, што треба да се случи по усвојувањето на измените на Законот за АМВУ, кои што веќе се во собраниска процедура“, изјави Петковска.

Таа додава дека постои уште многу работа за да се надминат наталожените проблеми во медиумската сфера и дека освен политичка волја на власта треба да се добие поддршка и од опозицијата. Истовремено, вели Петковска, потребен е и поголем ангажман од целата медиумската индустрија, како и од граѓанското општество кое работи во оваа сфера.

Во извештајот, меѓудругото, се наведува дека систематските напади врз слободата на печатот биле постојана карактеристика на владеењето на Никола Груевски, но исто така се наведува дека јавниот сервис и натаму му служи на ВМРО-ДПМНЕ.

Новинарката Мира Костиќ од Македонското радио, вели дека не постои власт која не сака да контролира медиуми, но дека паметна власт е онаа која тоа го прави на софистициран начин.

„Без оглед на распространетото мислење дека законите ограничуваат, сметам дека е подобро да има закони кои ќе воспостават правила на игра и тоа во наша новинарска креација и медијација, отколку некој друг да не регулира според негови правила така како што некој го замислува медиумскиот простор во Македонија“, вели Костиќ и додава:

Единствено финансиската независност може да овозможи спроведување на професионалните стандарди и почитување на новинарскиот кодекс на кој за жал сега се повикуваат некои кои се засегнати од одредени новинарски пишувања,“ вели Костиќ.

Според Костиќ, добро е тоа што има благо поместување во рангирањето на Македонија која од 111-то место лани, годинава се искачила на две места погоре, но лошо е тоа што е последна во регионот. Според неа, дискутабилно е прашањето дали подобрувањето на состојбата со медиумите е резултат на демократски настроената власт или поради прагматичноста на медиумските куќи, односно сопствениците да се приклонуваат кон власта заради добивање одредени финансиски бенефити.

Меѓудругото, организацијата „Репортери без граници“ предупредува дека кршењето на слободата на печатот повеќе не е прерогатив само на авторитарните режими и диктатури. Оваа организација со седиште во Париз во својот Светски извештај за слободата на печатот од 2017 година, објавен денеска, додава дека таа проценка ги вклучува САД и неколку земји-членки на Европската унија. Од Балканот на ранг листата најдобро е пласирана Босна и Херцеговина на 62 место. Следуваат Хрватска на 69, Србија на 76, Косово на 78, Црна Гора на 103 и Македонија на 109 место.

Во меѓувреме, во денеска објавената анализа на Фридом хаус пред Светскиот ден на слободата на печатот 3 мај, се наведува дека независноста на медиумите е под притисок во секој регион во светот, но и дека посветени новинари сè уште играат витална улога дури и во најнепријателските средини.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG