Ноќта на Велигден, откако се искршија јајцата, се водеа длабокоумни разговори на патот од Црквата во Нерези до Тафталиџе 2. Всушност сè почна наивно од муабет дека дури и во ова некогашно приградско маало на првите падини на Водно никнала по некоја зграда, а куќите бааги пораснале на сметка на некогашните дворови и бавчи. По сочните клетви на сметка на урбаната мафија и властодршците од сите сорти, кои си менуваат урбанистички планови од лукративни мотиви, се појавија чуденките од типот - „па кој бре уште купува станови кога пола народ избега од државата?“.
Доаѓаат Сиријците?
Елем, просветлувањето пристигна на границата меѓу Нерези и Тафталиџе на патот кон домот на Џук каде, според планот, се замезуваа велигденските јајца. Значи, без капка сомнеж причестениот Риџо го разоткри тајниот план за колонизација на Македонија.
„За кого станови? Па за Сиријците. Не сте чуле дека веќе 20 илјади се во земјава?“
И додека мозоците на друштвото забрзано низ сокаците на Нерези работеа да ја процесуираат оваа информација, Риџо, онака, сигурен како и секогаш продолжи - „Па зарем не сте приметиле какви „темни“ луѓе шетаат низ Скопјево?“
Јако ... јако... на ова и велешани со нивната фејк њуз индустрија можат вода да му носат на Риџо или на тој што нему му ја поттурил оваа дезинформација. Приказната при тоа, во муабетот што следи, се развива до границите за дефинитивната сириска колонизација на Македонија, но кому му е гајле за бесмислица базирана врз нерелевантна имагинација.
Лажни вести врие и не само на социјалните мрежи. Мотивите се разни. Пред некој ден, некој се потрудил да креира, демек копира листа на држави на ОН од нивниот сајт и да напише споено „UperMacedonia”. Потоа на твитер следи – „ на здравје бричење народе, паднал договор под маса очигледно. А се утепав барајќи не под М или Ф. Ееее моја чудесна, веќе ГорнаМакедонија“
Кога сакаме да веруваме во лаги
Можеби и не е толку изненадувачки колку луѓето се подложни на лажните вести, колку што е фрапантно дека самите сакаат да веруваат во нив. Така што џабе се обидите дури и на другарот од детство да му објаснувате дека на Сиријците на крај памет не им е да се населат во Македонија или дека за евентуалната промена на името на Македонија нема да се дознае од листата на Обединетите Нации.
Дури и за време на конфликтот во 2001 кога немаше социјални мрежи луѓето ги гледаа, слушаа и читаа традиционалните медиуми и пак, си креираа сопствена слика за настаните. Во тие осум месеци многу пати посебно во топлите летни ноќи другарчињата залегнати на клупата во паркчето кај руските згради во Тафталиџе го дочекуваа новинарот што претходно го гледаа на вести. И демек заинтересирано ќе прашаа што има ново, ама нели не е објавено. Тој никогаш не успеваше да им каже повеќе од две реченици, бидејки тие веќе сè знаеја! Согласно теоријата на заговорот и „седи мирен, мене човек ми кажа“ немаше потреба од факти и реална слика. Нема ни сега, или што би рекол Џук - „сè е отидено у аут„ бидејќи најчесто не се поставува прашање за да се добие одговор.
Новинарството во офсајд?
Можеби навистина сè е отидено во аут, но новинарство во светски рамки е во офсајд одамна кога станува збор за битката против лажните вести.
Како што пишува директорката за стратегиски развој на Институтот за проучување новинарство на Ројтерс. Александра Борхарт за „Проект Синдикат“ во текстот пренесен од Республика во време кога вестите сè повеќе имаат тенденција да хипервентилираат, некогаш е тешко да се направи разлика меѓу факти од фабрикувани или намерно искривени содржини споделени преку социјални медиуми. Размножувањето на „ботовите“ – што се компјутерски програми кои автоматски шират дезинформации – уште повеќе го отежнува разликувањето меѓу она што е вистина и она што не е. Како што се множат методите на манипулација, изгледа дека овој проблем ќе станува сè пострашен.
Според Институтот за проучување новинарство на Ројтерс во Извештајот за дигитални вести за 2017 година, 40 отсто од корисниците на вести изјавиле дека етаблираните медиумски организации, на пример „Њујорк тајмс“, прават точна разлика меѓу фактите и невистините. Што се однесува за социјалните медиуми, овој процент изнесува само 24.
Од друга страна, 60 отсто од консументите на вести сметаат дека традиционалните медиуми се невнимателни со фактите.
ЕУ ќе ги спречува лагите на интернет
Македонија беше домаќин на првиот „Дигитален самит за Западен Балкан 2018“ во Скопје.
Зборувајќи за придобивките на дигиталната трасформација и револуција за животот на граѓаните, еврокомесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел, истакна дека засилено се работи на изработка на Дигиталната агенда за Западен Балкан, која е дел од стратегијата на ЕУ за проширување за Западен Балкан 2025.
На овој самит се дебатираше и за лажните вести, а истата Марија Габриел стои зад тимот наречен „ХЛЕГ“.
Имено во јануари 2018 година, Европската комисија формираше група експерти на високо ниво „ХЛЕГ“ за да ги советува политичките иницијативи за спречување на лажни вести и ширење на дезинформации на интернет. Нивниот „Финален извештај на експертската група за лажни вести и онлајн дезинформации“ определува пет столба:
1 - да се зголеми транспарентноста на онлајн вести, вклучувајќи адекватна и компатибилна размена на податоци за системите кои овозможуваат нивен проток на интернет;
2 - да промовира медиумска и информативна писменост за да се спротивстави на дезинформациите и да им помогне на корисниците да се снаоѓаат во дигиталната медиумска средина;
3 - да развиваат алатки за зајакнување на корисниците и новинарите за справување со дезинформациите и поттикнување позитивен ангажман со брзорастечките информатички технологии;
4 - зачувување на различноста и одржливоста на европскиот екосистем на медиумите.
5 – промоција на континуирано истражување за влијанието на дезинформациите во Европа за да се оценат мерките што ги преземаат различни актери и постојано да ги прилагодуваат потребните одговори.
Од самите столбови произлегува еден заклучок – континуирана борба и прилагодување на мерките како можен одговор против лажните вести.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.