Достапни линкови

Македонија и НАТО со интензивирана соработка


Соработката на Македонија со НАТО се одвива со засилено темпо, а најголемиот дел од критиките, веќе не се сметаат за слабост, изјави министерката за одбрана Радмила Шеќеринска. Од Главната команда на Сојузничките сили на НАТО за Европа ги профалија македонските војници во мисиите на НАТО

Македонија има уште важни задачи кои треба да ги исполни до јулскиот самит на НАТО, но таа заслужи да биде 30-тата членка на НАТО, бидејќи најголемиот дел од критиките веќе не се сметаат за слабост, изјави министерката за одбрана Радмила Шеќеринска по повод отворањето на НАТО-работилницата за координација на воени партнерства, чиј домаќин е Македонија.

„Покажавме дека во делот на демократските реформи, на владеење на прво, состојби во медиумите, состојби во администрацијата и меѓуетничките односи, Македонија буквално направи големи чекори напред и тоа ни дава за право да очекуваме таа промена во Македонија да ја верификуваат, да ја потврдат и да ја ценат сите земји членки на Алијансата,“ изјави Шеќеринска.

Министерката додаде дека се надева оти НАТО ќе ги препознае одлучната посветеност и цврстата политичка волја на владата и граѓаните за остварување на стратешкиот приоритет, односно членство во Алијансата, за кој како што рече, останал непроменет и во најтешките периоди и политички кризи низ кои помина земјава.

Соработката на Македонија со НАТО се одвива со засилено темпо, а според Шеќеринска, постојат и неколку конкретни чекори со кои земјава докажала дека сме кредибилен партнер на Алијансата.

„Го зголемивме буџетот во одбраната, ги зголемивме платите на воениот персонал, нашите учества во мисиите предводени од НАТО и најавивме дека до средина на оваа година ќе го завршиме крупниот документ наречен Стратешки одбранбен преглед“, изјави Шеќеринска.

Заменик-командантот на Главната команда на сојузничките сили на НАТО за Европа, генерал сер Џејмс Еверард, изјави дека работилницата на воени партнерства е основа за поставување на вистинските предуслови што ќе овозможат координација за соработка со Алијансата и на неа ќе се постават предуловите за успех за 2019 година за сите партнери со кои НАТО соработува.

„Партнерствата се темелот на соработката во НАТО и надвор од неа и се од суштинско значење да бидат ангажирани во секоја можност и прилика,“ изјави генерал Еверард.

Заменик-шефот на воениот штаб на Директоратот за партнерство за мир, Егил Педерсен ги пофали македонските војници кои учествуваат во мисиите на Алијансата.

„Многу сум импресиониран од професионалните стандарди на вашата армија и тоа што тие го вложуваат во Мисијата. Се разбира секогаш може да се побара да правите уште нешто дополнително, меѓутоа вашиот придонес е одличен не само во Авганистан, туку треба да се споменат и Косово и Босна и Херцеговина,“ изјави мајор генерал Педерсен.

Откако ќе добијат зелено светло од Владата, уште тројца офицери ќе се приклучат на НАТО германскиот контингент во Авганистан, за изборите во период од околу четири месеци. Од министерството ова го толкуваат како сигнал дела Македонија може да функционира, не само како партнер, туку и како член на Алијансата.

НАТО-работилницата за координација на воени партнерства, ќе трае неколку дена, а на неа ќе учествуваат околу 200 претставници од земјите на НАТО и земјите-партнери. Таа ќе опфати повеќе теми: операциите предводени од НАТО и учеството на партнерите во овие операции, хармонизацијата на партнерските процеси, едукацијата, обуките и тренинзите. Дел од работилницата ќе биде и презентацијата на 15 образовни капацитети на НАТО и на партнерите, чиј дел е и единствениот НАТО-партнерски центар во Република Македонија, Регионалниот центар за односи со јавноста, како и НАТО-школата во Оберамергау.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG