Општина Битола деновиве распиша оглас за електронска постапка за прибирање на понуди за 24-часовно обезбедување и мониторинг на Офицерскиот дом. Право да се пријават имаат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење на ваква дејност. Целта е да се заштити објектот од понатамошно оштетување, демолирање, како и од влегување на несовесни граѓани кои пред неколку недели предизвикаа дури и помал пожар во внатрешноста. По заштитата, најавено е дека годинава ќе започне и реконструкцијата.
„Веќе средствата од Министерството за култура во износ од 10 милиони денари ги имаме, се води полемика како да се префрлат, дали во Општината или во Завод и музеј, како е поекспедитивно, 10 милиони денари кои Општината ги има предвидено ќе бидат искористени. Наше е да го заштитиме објектот. Сигурна сум дека покривната конструкција дефинитивно ќе биде направена, олуците исто така и дограмата за да не можат да влегуваат внатре, тоа е најсуштинското, зашто тоа е голем зафат“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Додека се бараат начини како да се заштити Офицерскиот дом, во Основниот суд во Битола продолжува судењето против ексградоначалникот Владимир Талески по обвинението за негрижа за Домот и кристалниот лустер што ја красеше балската сала, а пред две години беше демолиран. Обвинителството го товари Талески дека, иако бил свесен за обврската да се грижи за заштита на сопственоста на општината, не обезбедил соодветни мерки за заштита на Офицерскиот дом кој од 1977 година е заштитен како споменична целина.
Талески, пак, вели дека е невин зашто Домот од министерствата го наследил руиниран, а тој дури и извршил одредени санации врз објектот.
„Фокусиран сум конкретно сега за да ја докажам вистината на сите оние места каде нè обвинуваат дека нешто сме направиле незаконски. Нема незаконско работење, нема кривични дела. Општина Битола, додека бев јас градоначалник, била пример како општина со врвни резултати, сме биле прогласувани за најдобра општина, но сега упорно некој се труди сето тоа да го избрише“, вели Талески.
Еден од сведоците кој беше сослушан на судењето беше и ексдиректорот на ЈП „Комуналец“ од Битола, Зоран Соклевски, кој рече дека пред две години секретарот на Општината Слободан Бончановски ги задолжил како претпријатие да го обезбедуваат Офицерскиот дом. Но, Соклевски истакна дека тие нити имале таква регистрирана дејност, нити пак имале кадри за тоа. Додаде дека, според правилниците за работа, нив не можел да ги задолжи секретарот, туку требало тоа да го направи Советот преку годишната програма. Но, такво задолжение преку битолскиот општински Совет не добиле.