Медиуми - Истрагите на СЈО и посетата на Коѕијас

Прес-конференција на СЈО, обвинителката Катица Јанева.

Посетата на грчкиот министер Никос Коѕијас на Скопје и новите истраги отворени од СЈО – се вестите што доминираат во електронските изданија на весниците.

„СЈО ги отвори истрагите Попис, Моќник и Актор, објави Нова Македонија, објаснувајќи накратко за што станува збор. Најинтересна се чини истрагата „Попис“ во која партиите од претходната власт се сомничат дека го оштетиле буџетот за повеќе од 175 милиони денари, при што лидерите на тогаш вледејачката коалиција се договориле да го стопираат спроведувањето на пописот во 2011 година, а главни осомничени се Груевски и Ахмети. Истава информација Независен ја наслови: „СЈО: Груевски и Ахмети го стопирале пописот од лични причини“ и „И Али Ахмети влезе во тефтерот на Фетаи“, објавувајќи дел од обвинувањето дека „двајцата лидери се договориле да го одложат пописот со цел да останат на власт, при што потрошиле околу 2 и пол милиони евра од државниот буџет за подготовки на операцијата што никогаш не ја завршиле“.

Независен ја цитира специјалната обвинителка Јанева: „Отворени се 130 предистраги, меѓу кои и за Никола Младенов и за А1 ТВ“. Вечер го објави соопштението на ВМРО-ДПМНЕ како реакција на новостите од работењето на СЈО: „СЈО повторно се активира откако Заев сфати дека не може да оствари ништо од ветеното на избори“.

Независен објави и дека на 26 овој месец, „Јавноста ќе ги гледа снимките од ПИМ за ’Поткуп‘“, судски процес против лидерот на тогашната опозиција Заев почнат во времето на вледаеење на ВМРО-ДПМНЕ, во 2015 година, кога тој почна да ги објавува т.н. „бомби“. Заев беше обвинет дека наводно барал поткуп од еден бизнисмен за продажба на земјиште. Тогаш во јавноста „протекоа“ и снимки на Јутјуб за кои Заев тврди дека се нецелосни, а неговата одбрана побара снимките да се објават во целост.

Весниците ги следеа и протестите пред Владата за случајот „Алмир“, откако Јавното обвинителство го преквалификува делото од „убиство со умисла“, кога четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово беше прегазен од автомобил, во „тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, како што објави Нова Македонија. Истиот весник, а и другите печатени медиуми објавија дека „Министерот за правда Сељији поднесе оставка поради случајот ’Алмир‘“, поради, како што образложи, „разнишаната доверба во судството“.

Вечер, а и другите медиуми објавија изводи од прес-конференцијата на која беше соопштено дека Владата самоиницијативно ќе ги објавува трошоците на премиерот и на министрите на специјална веб-страница. „Алатка за отчетност: Владата соопшти дека во првите 6 месеци потрошила двојно помалку од составот во 2014 година“, наслови Вечер, дополнувајќи дека на прес-конференција е презентирано софтверско решение наречено Алатка за отчетност. Независен објавува споредби колку трошел Груевски, колку Заев за телефони, такси-возила, јавен превоз... „Генерално, оваа Влада потрошила двојно помалку пари од претходната“, пишува Независен.

Електронските изданија на печатените медиуми нотираат дека шефот на грчката дипломатија денеска пристигнува во дводневна посета со авион, прва откако Аердромот е преименуван во „Меѓународен аеродром Скопје“, на разговори откако Атина и Скопје си разменија нацрт-договори за решавање на името. Нова Македонија потсетува на зборовите на нашиот шеф на дипломатијата, Димитров, дека „нацрт-документите се разликуваат еден од друг“. За Независен и за Слободен печат е важно дека снегот немало да го поречи слетувањето на грчкиот авион на скопскиот аеродром. Слободен печат објавува и дека неколку патриотски здруженија најавиле протести во центарот на Скопје по повод пристигнувањето на Коѕијас.