Достапни линкови

Што содржат нацрт-договорите на Македонија и на Грција


Архивска фотографија- последната средба на министрите Коѕијас и Димитров со Нимиц се одржа во февруари во Виена
Архивска фотографија- последната средба на министрите Коѕијас и Димитров со Нимиц се одржа во февруари во Виена

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас од вечерва ја почнува дводневната посета на Македонија. Двете страни, според најавите, ќе ги престават и ќе разговараат за нацрт-спогодбите што одделно ги подготвија. Овие контакти се сметаат за подготовки за средбата со посредникот Метју Нимиц.

Вечерва на Меѓународниот аеродром Скопје се очекува да стигне грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас. Посетата ја почнува со неформална вечера со неговиот домаќин, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, а официјалните средби со македонските политичари ќе се одржат утре.

На состаноците се очекува двете страни да разговараат за нацрт спогодбите што си ги разменија. Грчката верзија најавена во почетокот на годинава во Скопје стигна неделава, а македонската варијанта, која владата претходно не ја најави била испратена во Атина во вторникот.

Нема официјални детали за тоа што содржат двата документа, но од изјавите на политичарите и неофицијални информации во медиумите може да се препознаат рамките на текстовите.

Нацртот чија подготовка ја водеше Коѕијас има седум точки- името, опсегот на употреба, јазикот, идентитетот, комерцијалната употреба на името, акронимите и кратенките. Портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос презицираше дека нацртот ги содржи основните позиции на грчката страна во преговорите, односно „потребата да се најде заемно прифатлив договор со сложено име што ќе важи ерга омнес, односно за севкупна употреба, нешто за што предуслов е и соодветна уставна промена.

Македонската верзија, пак, како што рече премиерот Зоран Заев неделава, содржи повеќе формулации на меѓународни договори.

„Затоа што формулациите во делот на името, употребата, широчината, идентитетските прашања, кодовите се уште се на маса за преговори, така што тие се оставени празни полиња како што се оставени и од грчка страна. Се работи повеќе за технички аспекти на формулација на договорот, но верувам дека на крајот сепак Обединетите нации се тие што имаат најсериозна промеморија на искуство на вакви меѓународни договори“ рече Заев.

Тој неколкупати инсистираше дека нацрт-спогодбите се само од помош во процесот на разговорите, а дека главно е тоа што се случува во Обединетите нации под водство на посредникот Метју Нимиц.

Како што беше и претходно најавувано двајцата шефови на дипломатии Димитров и Коѕијас ќе се сретнат со него по состанокот во Скопје, конкретно идниот петок во Виена.

Последната средба на тројката исто така во австрискиот главен град се одржа на 13 февруари, а по неа Заев рече дека за три поглавја од седумте точки за кои разговарале двете страни имало приближување. Тој тогаш најави дека новата средба со Нимиц ќе биде закажана веднаш откако ќе се направел, како што рече, сублимат од средбата што се одржа во февруари.

Триесетина граѓани, организирани од неколку патриотски здруженија, денеска излегоа на протест во Скопје поради доаѓањето на Коѕијас во Македонија, зашто, како што велат, оние што ја негираат Македонија не се добредојдени.

Протест против доаѓањето на Коѕијас во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:40 0:00

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG