Достапни линкови

Неделници - Цензура, Коѕијас и оптимизам за економијата


Министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров.
Министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров.

Фокус пишува за цензурираната емисија на Телма и за тоа со какви барања за името ќе дојде грчкиот министер Коѕијас. И Капитал се осврнува на можните компликации во однос на рокот за решавање на спорот со Грција, а анализира и за очекувањата на економски план.

Фокус - Цензура и Коѕијас ќе дојде со невозможни барања

На насловната на Фокус голема фотографија на директорот на кавадеречки ИГМ, зад него човек со фластер на устата, а насловот е: „Илија Гечев, цензор – Провинциски џелат на слободата“. Јавноста веќе е запознаена за причината за овој „прекар“ на Гечев: По неговата интервенција од емисија на телевизија Телма не е емитуван прилогот за настрадани работници во неговата фирма, а и потоа во емисија на истата телевизија Гечев се однесуваше непримерено со новинарката.

Во воведната колумна „За нештата да станат појасни“, авторот резигнирано вели: „Не, немам илузии дека богатите претприемачи во Македонија се цвеќиња за мирисање. Напротив, но, ретко кој од нив така јавно се изрезилил како Гечев“, пишува неделникот. „Со својата пиштолџиска пројава во Топ тема на Телма тој фрли сериозна дамка врз имиџот на македонскиот современ бизнис“, заклучува авторот на уводникот.

Фокус објавува и колумна во врска со преговорите за името на државава: „Чекајќи го предлогот на Никос Коѕијас“. Авторот на текстот е подозрив и смета дека „Коѕијас ќе дојде со барања што ќе го направат решението невозможно“, па се прашува „дали ќе ни треба исто толку години за да излеземе од нашиот националистички ќор-сокак, колку што ни требаше да се заглавиме во него?“

Капитал - Компликации околу спорот за името и оптимизам за економијата

Анализата, пак, во Капитал смета дека „Компликациите визави рокот за решавање на спорот со Грција бараат меѓународен договор“. Рокот е 11 јули, кога ќе се одржи Самитот на НАТО, а како компликации авторот ги наведува ненадејните барања од грчка страна за промена на нашиот Устав „за во иднина да нема проблеми како испитувања дали договорот го прекршува Уставот“, потсетува Капитал на изјавите на Коѕијас. Потоа следува потсетување дека Грција тешко ќе прифати решение што нема да содржи промена на македонскиот Устав, додека македонската Влада, дури и кога би била подготвена на такво нешто, а не е, не би можела да го издејствува во парламентот, што му е јасно и на шефот на грчката дипломатија... Со меѓународен договор Грција би била успокоена дека кон неа нема потенцијал за закани за иредентизам, особено не такви што доаѓаат од Уставот, наведува покрај другото неделникот.

Капитал објавува и анализа со оптимистичка содржина за економијата во оваа година: „Економските индикатори од почетокот на годината, но и проценките на меѓународните финансиски институции навестуваат дека 2018 година ќе биде далеку подобра на економски план отколку минатата, кога всушност немаше раст“, пишува неделникот, за да наведе дека во јануари извозот се зголемил дури за 27,9 проценти, споредено со истиот месец лани, а компаниите во овој период најмногу ги зголемиле продажбите во Германија, каде што всушност се извезува речиси половина од сè што е наменето за странските пазари. Освен извозот, пишува Капитал, оптимизам за нагорно движење на економијата влева и податокотнза пораст на индустриското производство од скоро осум ипол отсто. Деловните тенденции во преработувачката индустрија исто така се попозитивни од почетокот на годината. Стартуваше од нула, а до крајот на годината проценките се дека БДП ќе порасне до 3,2 отсто, а дека планот е реално остварлив потврдија и ММФ и Светска банка, потсетува Капитал.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG