Достапни линкови

Протест во Скопје - „Обвинителите по втор пат го убија Алмир“


Протести пред влада „Правда за Алмир“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:55 0:00

Протести пред влада „Правда за Алмир“

Одговорност од обвинителите и од судиите кои дозволија преквалификација на делото во случајот Алмир побараа неколку илјади граѓани кои протестираа во Скопје. Велат дека обвинителството во втор пат го убило Алмир.

Неколку илјади луѓе денеска излегоа на протест пред владата против преквалификацијата на делото во случајот Алмир. Со транспаренти со кои се бара Правда за Алмир и постери со кренат среден прст, кој треба да алудира на средниот прст кој го покажа обвинетиот Бобан Илиќ по излегувањето од притвор, побараа правната држава да важи за сите.

Четиригодишниот Алмир Алиу беше прегазен со автомобил на 25 јуни 2016 година по банална расправија за ред во Здравствениот дом во Куманово, која прераснала во физичка пресметка меѓу таткото на детето и обвинетиот Бобан Илиќ. Во обид да избега, обвинетиот Илиќ со својот автомобил го згази детето.

Тој прво беше обвинет за убиство, но обвинението потоа беше променето во тешко кривично дело против безбедноста во сообраќајот.

Демонстрантите од иницијативата Правда за Алмир сметаат дека прегазувањето било намерно и бараат Илиќ да одговара за убиство. Велат дека со преквалификацијата, Алмир повторно бил убиен, овој пат од страна на обвинителството.

На насобраните им се обрати и мајката на Алмир која рече дека нејзиното дете нема да се врати, но оти протестира за сите други деца.

„Ние се боревме за албанскиот јазик. Ќе се бориме и за правдата којашто им недостасува на Албанците, затоа што нашите деца не успеваат да го уживаат својот јазик, затоа што ги убиваат и ги претвараат во сообраќајни несреќи“, рече мајката на Алмир.

Организаторите на протестот бараат судската постапка да започне од ново и да се води надвор од Куманово. Бараат одговорност и разрешување на обвинителите, судијката и одговорност од судските вештаци, како и разрешување на јавниот обвинител Љубомир Јовески, за кого рекоа дека е новиот Марко Зврлевски.

„Бараме одговорност од Владата на Република Македонија и од премиерот Зоран Заев. Заев и Владата на Република Македонија не само што не ги реализираа најавените реформи во судството, туку дозволија правдата да ја делат истите корумпирани, непрофесионални и пристрасни обвинители и судии кои го убија Алмир повторно“, рече актерот Висар Вишка од иницијативата Правда за Алмир.

Демонстрантите велат дека протестираат пред владата, а не пред обвинителството, затоа што владата е таа што треба да ја врати правната држава.

„Кој го избира обвинителот? Владата, така ли е? Тогаш тие се виновни.“

„Премиерот, пред да дојде на власт, ветуваше дека ќе има реформи во судството, а ние секој ден се уверуваме дека тоа не се случува.“

„За обична сообраќајка, удрив од позади и кривично ме гонат, а ова е намерно убиство и го ослободуваат. Кај го има тоа“, велат анкетираните демонстранти.

На крајот на протестот, демонстрантите закачија играчки и транспаренти на оградата на владата и мирно се разотидоа.

Дел од најборбените кусо време протестираа и пред Кривичниот суд во Скопје.

Министерот за правда Билен Саљији синоќа поднесе оставка на функцијата од, како што рече, морални причини по разнишаната доверба во судството поради случајот Алмир.

Владата по протестот соопшти дека останува на ставот дека судските одлуки се одлуки на правосудните органи како независни институции.

„Владата со должно внимание ги зема предвид пораките од денешниот протест по повод одлуката на Јавното обвинителство во врска со трагичниот случај на четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово. Овој став на Владата е во насока на сеопфатните заложби за реформи во правосудниот систем кој треба да ги врати достоинството и довербата во судските институции, и најмногу од сè да ги врати непристрасноста, независноста и владеењето на правото и правдата, во работата и одлуките на сите институции во правосудството“, се наведува во реакцијата на владата.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG