Лидерот на ДУИ и коалиционен партнер во Владата, Али Ахмети за првпат е осомничен во случај на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Обвинителството отвори три нови истраги – Попис, Моќник и Актор.
Во случајот Попис, осомничени се Ахмети и поранешниот премиер и поранешен прв човек на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. СЈО ги сомничи дека ја злоупотребиле својата службен положба и како претседатели на партии и коалициони партнери се согласиле да се прекине пописот на населението во 2011 година. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека тие ја искористиле својата положба и за да ги сокријат неповолните факти за демографската структура на населението и да сокријат дека немаат капацитет да го спроведат процесот, па го прекинале пописот, а како причини навеле технички проблеми и некадарност на пописната комисија и на Заводот за статистика.
Тие го оштетиле буџетот за 175.123.909 денари или околу три милиони евра. Фетаи вели дека причините наведени да се прекине пописот со закон, всушност биле причини за одложување на попишувањето, а тоа да се изврши кога ќе се подобрат условите.
„На тој начин потрошените пари за спроведување на пописот потрошени до моментот на одложувањето немаше да претставуваат штета и истите би биле искористени во одложената пописна операција, сепак причината за престанок на пописот не била во она што е наведено од владата, туку осомничените сфатиле дека со законите - пописна операција ќе им се нанесе огромна штета на тогаш владејачките ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, па водејќи се од лични интереси одлучиле дотогаш потрошените парични средства да ги фрлат во вода и го оштетиле буџетот“, рече Фетаи.
Освен во Попис, поранешниот премиер Никола Груевски е осомничен и во новиот случај Актор. Случајот е за фирмата Актор која го гради автопатот
Демир Капија - Смоквица. Осомничените во овој случај се товарат за злоупотреба на јавни набавки и за перење пари. Случајот се води против десет луѓе и четири фирми. Меѓу осомничените е и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, кој е осомничен и во низа други случаи на СЈО. Понатаму се осомничени и членови на комисијата која ги оценувала фирмите пријавени на тендерот за изградба на автопатот. Груевски, како што рече Фетаи ја фаворизирал грчката фирма Актор, иако не ги исполнувала условите и немала најниска понуда, за сметка на италијанска фирма.
„Ова е само почетокот на криминалните дејствија за кои постои основано сомнение дека се сторени. Ова кривичното право го познава како предикатно дело на делото перење пари“, вели Фетаи.
Таа ја објаснуваше шемата преку која од 2012 до 2016 подружницата на Актор во Македонија, преку други три фирми и нивни вработени во готово подигнувале пари од банки во Македонија и ги предавале на вработена во Актор.
„Со намера да ја скрие целокупната добивка на осомниченото правно лице, бидејќи паричните средства поттикнуваат од тендер со кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување шетоосомничениот, како одговорно лица на подружницата на Актор формирала група која се занимавала со перење на пари и пуштање во променат на пари кои се прибавени со казниво дело“, вели Фетаи.
Во повеќе наврати од Актор кон фирмите се исплатени речиси 32 милиони евра, а тие повторно завршувале кај вработена во Актор.
Третата истрага на СЈО е наречена Моќник, во неа првоосомничен е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Во неа се опфатени вкупно 13 луѓе осомничени за злоупотреба на службена положба и за измама. Осомничени се и таткото на пратеникот, поранешниот градоначалник на Македонски Брод, поранешниот претседател и членови на Комисијата за лустрација. Таткото на пратеникот искористувајќи ја моќта на својот син, во соработка со градоначалникот го довеле во заблуда советот на општината и таткото на пратеникот си купил државен имот и го оштетил буџетот за 50 илјади евра. Обвинителката вели дека случајот не застанал тука, туку откако било реагирано и од пратеникот било побарано да се исправат работите, тој користејќи ја својата положба вршел притисоци, праќал инспекции, а поттикнувал и да биде лустриран и судија од Кичево.
СЈО засега не побарало мерки за осомничените во новите три случаи.
Јавната обвинителка Катица Јанева одговарајќи на новинарски прашања рече дека е замрзнат имотот на синовите на пратеничката Силвана Бонева, по барање на обвинителството. Против Бонева СЈО води истрага за злоупотреба на патни трошоци. Јанева рече и дека Специјалното јавно обвинителство воспоставило надлежност за предметот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро во април 2012 година.