Живнувањето на економијата зависи од политичката состојба

Позитивните податоци за раст на БДП во земјата во последниот квартал се добар знак за македонската економија, но не и гаранција дека земјата ќе го оствари проектираниит раст од 3,2 проценти годинава, велат економистите. Предупредуваат дека политичките потреси дома негативно ќе се рефлектираат на економијата.

Мала надеж дека економијата живнува даваат последните статистички податоци според кои во последната четвртина од 2017 година, бруто домашниот производ во земјата порасна за 1,2 проценти. Вака размислуваат дел од економските аналитичари во земјава, според кои сепак треба да се биде внимателен во прогнозите дека ваквата тенденција би можела да ги достигне проекциите од 3,2 проценти раст на бруто домашниот производ за оваа година.

„Треба да се земат предвид информациите од целата година, не само последниот квартал. Ние за жал 2017 година ја завршуваме негативно најлоша година во неколку години наназад, со поразителни податоци, но ако кажеме дека во последниот квартал има раст од 1,2 треба да очекуваме оваа тенденција да продолжи и годинава, особено ако се земе предвид дека и индустриското производство во јануари има значителен пораст“, вели економскиот аналитичар Фатмир Битиќи.

Според аналитичарот Слободан Најдовски, пак, последните податоци покажуваат знаци на заживување на македонската економија, иако предупредува дека падовите во економијата се многу посилни од растот. Тој сепак уверува дека со поголеми инфраструктурни вложувања од државата би можело и да се реализира посакуваниот раст од 3,2 проценти.

„Јас сум приврзаник на тезата дека треба да се остави поголема слобода на дејствување на пазарните механизами, да има стабилност на политичката ситуација, да се привлекуваат странските инвестиции на долг рок, а не само на моменталните поволности. Значи потребно е ослободување на стравот кај домашните инвеститори да инвестираат и привлекување на акционерски капитал и раст не само на нови капацитети, туку и раст на веќе постоечките капацитети кои работат успешно, но се затворени само во рамките на државата или соседството. Во тој правец треба да одат активностите“, вели Најдовски.

Битиќи и Најдовски се согласни дека проектираниот раст годинава значително ќе зависи од политичката клима, која сè уште се соочува со предизвици.

„Ние гледаме и се соочуваме со скоро нефункционално собрание и неможност да се донесат одредени закони. Следната недела би требало да се изгласа законот за финансиска поддршка на компаниите, но да видиме дали ќе се најде консензус меѓу партиите. Затоа сметам дека сите овие индикатори се многу важни за економијата и можат негативно да влијаат, затоа треба внимателно да ги гледаме работите за да не западнеме во уште една лоша финансиска година како што беше 2017 година“, изјави Битиќи.

И Најдовски смета дека политички процеси можат да го забават економскиот раст.

„Ако дојде до некои непланирани политички потреси тоа секако ќе се одрази на економијата, Но јас сепак мислам дека интересот на ЕУ за Македонија, значи и позитивни сигнали на инвеститорите од земјите членки за политичка стабилизација, па моите очекувања во таа насока се оптимистични“, вели Најдовски.

Експерите додаваат дека е многу подобро растот да се заснова на еден континиутет на одржлив развој отколку тој да биде цикличен. Дел од нив пак се на став дека секој раст под четири проценти не е добар за нашава економија, бидејќи тоа покажува дека тоа е сè што можеме да го постигнеме без премногу да ги искористуваме ресурсите. Како причина за забавениот раст домашната јавност ја истакнува подложноста на внатрешни и надворешни шокови на земјата.

Власта вчера се пофали дека растот во последниот квартал го одразува враќањето на стабилноста и довербата. Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ годишната стапка на раст за 2017 година е нула, а главен виновник за ваквата состојба се лошите политики на владата предводена од СДСМ.