Македонското стопанство е неликвидно, а проблемите во домашната економија со децении се исти, оценува дел од бизнис заедницата. Државата не прави ништо за подобрување на неликвидноста, иако со државни мерки состојбата може да се промени, вели стопанственикот Мирче Чекреџи. Додава дека државната администрација е генератор на неликвидноста, бидејќи токму државните претпријатија се оние кои постојано доцнат со плаќање.
„Сега се зборува за даночни реформи, меѓутоа македонското стопанство, реалниот сектор е толку многу даночно оптоварен, така што не може да се отпочне нов инвестициски циклус. Прво, поради тоа што добивката е мала во македонската економија, зашто половина од неа оди во странство, бидејќи најпрофитабилните компании се во странски раце. Второ, задолженоста на земјата сама по себе не е проблем, туку проблем е за што ќе го употребите кредитот кој сте го земале“, вели Чекреџи.
И во помалите градови од земјава, бизнисот се уште се бори за своето место. Славчо Јорданов, сопственик на една приватна фирма од Неготино вели дека не чувствува подобрени услови за водење на бизнис. Наплатата се уште доцни, а профитабилното работење на фирмата кога нема наплата се должи само на кредитите, посочува Јорданов.
„Кризата беше долгогодишна и многу се одрази на нашето работење. Секако последиците од таа криза се уште се чувствуваат. Лошите работи лесно доаѓаат, ама тешко си одат и одминуваат. Треба време да се осети некакво подобрување. Мислам дека негативниот тренд се уште се чувствува“, вели Јорданов.
Економските аналитичари велат дека барем засега новите власти не успеваат да продуцираат видливи економски ефекти, иако според нив очекувано е да помине подолго време за економијата да заздрави после политичката криза која долго траеше. Аналитичарот Арбен Халили вели дека внатрешно-политичките превирања во државава дополнително влијаат на стагнирање на бизнис климата, па затоа повикува надлежните да се фокусираат на неколку мерки со кои ќе се подобри бизнис атмосферата.
„Треба поконкретни финансиски и советодавни услуги, мерки за микро претпријатија и семејното стопанство. Агроекономијата не смее да се заборави, има субвенции кои не одат на вистинските места, потоа треба да продолжат инвестициите во инфраструктурата и да се даде приоритет на Коридорите 8 и 10, како и железничкото поврзување со Бугарија, Албанија, Италија“, сугерира Халили.
Од Стопанската комора на Македонија дошле до заклучок дека подобрувањето на состојбите во правосудството е императив за подобрување на бизнис климата во земјава. Во едно од нивните истражувања кое се однесува на искуствата на компаниите во судските постапки, се наведува дека повеќе од половината од анкетираните компании се изјасниле дека до добивањето правосилна судска одлука за присилно намирување на нивното побарување, поминува повеќе од една година, а за 23 отсто од анкетираните компании, повеќе од две години.