Ќе се поврзуваат мали и средни претпријатија кои се извозно ориентирани од балканските земји Македонија, Бугарија, Грција, Албанија и Кипар од Медитеранот. Целта ќе биде да се создадат кластери на фирми кои на меѓународниот пазар ќе настапат со заеднички производ. Ова ќе биде овозможено преку проектот „БалканМед Е-бизнис страници“ кој ќе трае две години, а ќе биде финансиран со 700.000 евра преку фондови на Европската унија и матичните држави.
Професор Игор Неделковски, претседател на Фондацијата ГАУС, вклучена во проектот, вели дека на овој начин фирмите од поширокиот регион ќе си подадат рака за соработка, а ќе се надмине балканскиот синдром „да му цркне козата на комшијата“.
„Во бизнисот да се надмине балканскиот синдром да му цркне козата на комшијата, бидејќи успехот на меѓународниот пазар не може да постои ако на комшијата му цркне козата, туку ако сите комшии заеднички настапат и го зголемат своето стадо од кози. Вака фигуративно кажано“, вели Неделковски.
Малите и средни претпријатија доколку настапуваат сами на странските пазари тешко се борат со конкуренцијата.
„Тоа што покажува успешни резултати е кластерирањето и трансферот на технологии. Малите и средни претпријатија е утврдено дека се тешко конкурентни да бидат извозно способни, односно да бидат активни на меѓународниот пазар. Затоа најдобрите практики кои доаѓаат од Северна Европа се дека малите и средни претпријатија треба транснационално да се поврзат и здружено да настапуваат кон трети пазари. Тоа се таканаречените кластери и тренсфер на технологија помеѓу членките на кластерите“, рече Неделковски.
Во Македонија нема транснационални кластери, односно овдешни компании кои соработуваат со неколку фирми од земји во регионот.
„Во Македонија функционираат повеќе кластери. Нивната активност во последни време е во опаѓање. Но, немаме транснационални кластери. Европската Комисија утврдила дека националните кластери се премногу мали зашто сите држави од овој регион се мали. Затоа сега ја промовира транснационалната компонента за да се направат кластери на компании од поширокиот регион“, вели Неделковски.
Тоа би значелона пример, производот прво да се прави во Грција, другиот дел во Македонија, маркетингот да се направи во Бугарија, а дистрибуцијата преку Албанија и да се продава во Германија или на друго место.
Во проектот овој пат ќе бидат вклучени голем број на извозно ориентирани фирми, ќе се направи и дата база на податоци, па тие ќе можат да се вмрежат во зависност од интересот на бизнисот.
„Во проектот ќе бидат вклучени 250 извозно ориентирани организации и извештајот ќе биде околу 1250 страници. Ќе даде можност да се даде приоритет во анализите и на локалниот економски развој“, вели Константин Петковски, експерт вклучен во проектот.