Достапни линкови

Политичката криза влијае врз прилепските текстилци


Намалена побарувачка, иселување на млади и нестабилен економски пазар се само дел од последиците од политичката криза, кои ги чуствуваат прилепските текстилци. Тие бараат формирање на Влада и нова економска стратегија.

Стабилна економија, стимулирање на домашни брендови во текстилот, на класични македонски производи кои што ќе може да се извезат и на странскиот пазар. Ова се дел од мерките коишто ги предлага прилепската секција на текстилци при Регионалната стопанска комора. Оттаму посочуваат на бројните реперкусии од политичката криза во земјава, која што и предолго трае.

„Сведоци сме на намалена побарувачка во однос на стагнирање на потрошувачката. Тоа е одраз не само на нискиот стандард, туку и на апстинирање на населението во однос на потрошувачката“,оценува Благоја Конески, претседател на секцијата на текстилци.

Според него, голем проблем е „белата чума“. Масовното иселување на населението, имплицира низа реперкусии секаде во државата.

„И тоа е одраз на политичката криза што е намалена потрошувачката во однос на намалена млада популација во Македонија. Во последно време сведоци сме, како во медиумите се прикажува состојбата во соседна Битола, западна Македонија е иселена, источна Македонија е иселена. Многу е намалена младата популација.Тоа треба нашите политичари да го согледаат многу побрзо, за да се стабилизира состојбата. За да се запрат младите од иселување. Затоа што Македонија ќе опстанува само со млада популација понатаму“, оценува Конески.

Оттука прилепските текстилци посочуваат на излезни решенија, кои зависат од итното формирање на нова влада и што поскоро решавање на политичката криза. Бараат промена на досегашната стратегија со цел создавање на многу попрофитабилни субјекти, а не со самовработување во фирма поединец.

„Формирање на влада и стабилизирање на економијата, подготвување на нова економска стратегија за подобрување на стопанството, стратегија во однос на структурата на стопанството. Затоа што со текстилот којшто опфаќа некаде 30 до 40 отсто од вкупно вработените во стопанството, нема иднина македонската економија“, порачува Конески.

Според него, политичката криза не остава видливи траги врз конфекциите со лон производство за странски партнери.

„Физички нема нарушување на прометот со странство. Тоа е чист увоз-извоз на странските партнери. Нема некои пореметувања. Постојани партнери си имаат нашите производители.Оваа политичка криза се одразува само за домашното производство, не само од областа на текстилот, туку и од сите други области. Значи намалена е потрошувачката“, акцентира Конески.

Како последица на сите турбуленции во македонското стопанство од осамостојувањето до денес, во Прилеп од некогашните 20, останаа 10-ина стабилни конфекции. Сепак тие не се одлучуваат за нови поголеми инвестициски циклуси. Во нив се ангажирани околу 2500 вработени со плата над 10.000 денари.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG