Достапни линкови

Нови избори - црно сценарио за економијата


Министерство за финансии
Министерство за финансии

Нови избори би претставувале голем удар врз стопанството и не само продолжување на стагнацијата, туку и регрес на економскиот раст. Неможноста да се формира стабилна влада пак, испраќа сигнал до партнерите кои може да откажат договори.

Претставниците на бизнис секторот дополнително се вознемирени од исходот на изборите и неможноста да се формира стабилна влада, наведувајќи низа директни последици од политичката криза врз економијата во која тие се најмногу засегнати.

На бизнисот му е потребна стабилна и мирна политичка клима која по изборите, за жал, и натаму ја нема, велат тие.

Извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, Фатмир Битиќи, вели дека минатата година ја завршуваме со рекордно најниско ниво на економски раст, а стопанството и бизнисите се уште продолжуваат да имаат проблеми со ликвидност, со тековно работење и неподмирување на обврските, како и со раскинување на договори и ставање на договори во стагнација.

Во прилог на ваквата состојба бизнисмените укажуваат дека во пост изборниот период треба да преовлада разумот наспроти тесно партиските интереси и приоритет да се стави на реалните потреби, а тоа се економските проблеми кои ги има не само стопанството, туку и граѓаните.

Со оглед на тоа што по неуспехот да се формира нова влада некои партии излегоа и со предлог за нови избори, извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, Фатмир Битиќи, оценува дека во тој случај станува збор за црно сценарио за економијата. Според него, нови избори би претставувале голем удар за стопанството и не само продолжување на стагнацијата, туку и регрес на економскиот раст.

„Ние воопшто не ни мислиме дека политичарите тоа би требало да го имаат како сценарио, зашто не би сакале да навестиме дека тоа може да значи црно сценарио за Македонија како држава и за стопанството како такво. Можно е да има знаци на црно сценарио, а тоа се знае е изумирање на одредени сектори во економијата, што веројатно ќе им треба многу, многу време да се репарираат и да дојдат до нормално функционирање“, вели Битиќи, кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Приватниот сектор и Коморите апелираа во неколку наврати и минатата година парламентарните избори да се одржат порано, оценувајќи дека тоа е излез од кризата.

И економистите коментираат дека нови избори ќе значат продолжување на неизвесноста и дополнуваат дека бизнис заедницата не може да планира какви било чекори што би ги преземале во тој случај за да ги ублажат последиците.

Професор Марија Зарезанкова-Потевска од ФОН, вели дека и по изборите неизвесноста продолжува, а во опкружувањето и во светот има нови состојби со новиот американски претседател и со воспоставување нови односи. Таа вели дека политичарите треба да бидат свесни дека нивните преговарања не треба да бидат само во нивен интерес, туку во интерес на стопанството од кое зависи и државата.

„Нови избори, ако политичарите сметаат дека не може да најдат решение, можеби се решение за политичката криза, но тоа ќе се одрази врз економијата и на тоа како на нас гледаат други земји и тогаш може да дојде до откажување на договори. Во секој случај сме во лоша состојба и политичка и економска“, вели професор Зарезанкова-Потевска.

Таа додава дека дополнителен проблем е што македонската економија е увозно зависна и оти тоа е голем хендикеп на државата.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG