Иако постизборната криза значи политичка нестабилност, таа истовремено е сигнал дека економскиот концепт може да се промени. Во таа смисла кризата може да се смета и за продуктивна, зашто другата опција би била продолжување на досегашниот модел кој се базираше на мерки кои не даваа резултати, вели професор Никола Поповски во неделното интервју на радио Слободна Европа. Тој очекува кризата да помине брзо и да се формира нова влада со нова економска позиција, сигурен дека старата економска концепција нема да опстане, оти како што вели, таа ги преферира изборните резултати на Владата, а не определбата за долгорочна економија на населението.
„Друг еден модел кој сега се доведе под прашање, е потрошувачката, односно каде ќе се одлеваат јавните средства. Значи луѓето веќе не даваат гласови само за тој модел. Оваа криза може да значи преиспитување на тој модел. Секакви разлики ќе мора да се балансираат, но и фискалната политика ќе треба да се стави под поголема контрола, тоа значи и прекумерните трошења, политиката на јавен долг под контрола па дури и јавната потрошувачка“, вели Поповски.
Таканаречените идеолошки инвестиции, на кои посочува Поповски, алудирајќи на спомениците, античките обележја, барокните фасади и сл. одлеале стотици милиони евра од буџетот, за како што истакнува потребите на идеологијата, а не за потребите на животот и економијата.
Извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, Фатмир Битичи апелира што поскоро да се стабилизира ситуацијата, а новата влада да се занимава со економските предизвици следниот период.
„Тоа се креирање на поволна клима за сите компании, создавање на механизам преку кој домашните компании ќе излезат од кризата и да се воспостави долгорочна соработка меѓу бизнис секторот и владата. Тоа ќе бидат реално предизвиците со кои треба да се зафати идната Влада“, вели Битичи.
Доколку продолжи оваа неизвесна и неповолна политичка ситуација ќе продолжи одисејата на неефикасни државни институции, кои не одговараат на потребите на бизнис заедницата, додава Битичи.
„Продолжувањето на кризата ќе значи неспроведување на низа проекти кои компаниите ги имаат заради немањето на стабилна политичка криза, особено ако се има предвид другиот предизвик, како што се локалните избори. А, знаеме дека секогаш кога влегуваме во некаков изборен циклус, тоа е проблематичен период за целата земја“, изјави Битичи.
Поповски заклучува дека подобрувањето на економската состојба ќе зависи од политичката волја, постоењето на среднорочна економска визија, но и преземање на непопуларни мерки како што е на пример намалување на потрошувачката, особено во јавната администрација.