Достапни линкови

Странските инвеститори бегаат и при најмал проблем


Капиталот е како срна, на првиот шум знае да избега, затоа е потребно да се изградат стабилни деловни врски и да се зголеми дисциплината во плаќањето, предупреди директорот на стопанската комора на Германија во Македонија Мартин Кнап.

Незадоволство од платежната дисциплина, правна сигурност, пристапот до финансиите од ЕУ, ефикасноста на јавната администрација и транспарентноста на јавните набавки покажала анкетата која неодамна беше спроведена меѓу компаниите со германски или мешовит капитал.
Според нашата анкета може да се заклучи дека имиџот на фирмите кои се наоѓаат во Македонија е добар, но имиџот на самата држава во однос на другите треба значително да се подобри.
Мартин Кнап, директор на стопанската комора на Германија во Македонија.


Директорот на стопанската комора на Германија во Македонија Мартин Кнап неодамна предупреди дека капиталот е како срна, на првиот шум знае да избега, затоа е потребно да се изградат стабилни деловни врски и да се зголеми дисциплината во плаќањето.


„Според нашата анкета може да се заклучи дека имиџот на фирмите кои се наоѓаат во Македонија е добар, но имиџот на самата држава во однос на другите треба значително да се подобри. Владата треба да работи на подобрување на состојбата затоа што се гледа дека оценките се лоши таму каде државата има поголемо влијание. Работата на администрацијата е полоша од лани, таму се регистрирани послаби резултати. Би било пожелно условите за стопанството да се подобрат и да се подобри крајната оценка.“
Во статистиките на Народна банка директните странски инвестиции се ниски и второ постојано се најавуваат некои големи, важни инвестиции, кои вработуваат илјадници, но за жал многу малку се реализира.
Никола Поповски, универзитетски професор.
Германски консултант за извоз и претседател на Европската асоцијација на средни претпријатија Хато Бренер неодамна за Радио Слободна Европа изјави дека германските бизнисмени се многу претпазливи.

„Германските компании не инвестираат многу лесно во други држави, тие се многу претпазливи, тие разгледуваат и разгледуваат и пред да инвестираат тие сакаат да изградат бизнис односи и ако работат две или три години, тогаш почнуваат да инвестираат, зборувам за мали и средни претпријатија. Големите компании, како Фолксваген или Сименс, инвестираат стратешки, одат во држави каде што ќе има голем обрт.“

Потреби се стабилни институции, владеење на правото и почитување на законите за да има фер игра за сите кои сакаат да инвестираат на македонскиот пазар, посочи неодамна економскиот аналитичар Висар Адеми.

„Овие странски компании кога доаѓаат тука сакаат да имаат плодна зеја и добар стадион за фер игра. Ако видат дека Владата преку свои компании тоа го користи, секоја друга компанија нормално дека би сакала да не е дел од таа економија. Мислам дека целата оваа инфраструктура градена за привлекување странски директни инвестиции сепак е параван да се вработат млади луѓе, а не за да донесе суштинска промена за привлекување странски инвестиции“, вели Адеми.

Според анкетата германските бизнисмени се задоволни од трошоците на трудот, квалификациите и продуктивноста на македонските работници. Од таму се и нивните очекувања да го зголемат бројот на вработени во текот на годинава, но затоа ќе ги намалат трошоците за инвестирање.

Во изборната кампања на владејачката партија ВМРО- ДПМНЕ голем дел од ветувањата за нови вработувања се базирани на странски инвестиции.
Универзитетскиот професор Никола Поповски вели дека во земјава е очигледен трендот дека странските директни инвестиции растат во програмите на политичките партии во време на избори.

„Во статистиките на Народна банка директните странски инвестиции се ниски и второ постојано се најавуваат некои големи, важни инвестиции, кои вработуваат илјадници, но за жал многу малку се реализира, затоа што странските инвестиции не зависат од волјата на нашите политичари, туку пред се зависи од тоа дали во Македонија можат да остварат добра соработка и дали има клима за тие работи“, објаснува Поповски.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG