Владата не треба да биде најголем инвеститор и најголем работодавач во државата, рече професор Таки Фити, претседател на Македонската академија на науките и уметностите и екс министер за финансии при неодамнешната посета на Битолскиот универзитет.
„Во идните години, во оваа очигледно тоа не можеше да се направи, треба економијата да се ослободува од оваа голема инволвираност на Владата во економијата. За оваа година имаме највисок буџет, а тоа индиректно кажува дека ќе постои релативно висока инволвираност на Владата во економијата. Гледаме има нови мерки на Владата за раст и развој кои предвидуваат многу субвенции. Во пазарна економија главен лидер на економскиот раст и развој се претпријатијата, бизнисите, а Владата не треба да биде најголем инвеститор и работодавач, бидејќи во основа таа е нерационална“, вели Фити.
Тој додава „инволвирање на државата треба да има, но се знае каде. Таа треба да го направи општиот амбиент, односно поволна бизнис клима, за да можат бизнисите да бидат поттикнати да инвестираат продуктивно во машини, опрема, технологија, да ги шират бизнисите, да одат на нови вработувања“.
Македонија 2017 година ја заврши со 0,5 проценти стапка на раст за што професор Фити е последица на политичката криза поради која менаџерите не инвестирале и не отварале нови работни места. За 2018 –та се очекува стапката на раст да биде 3,2 проценти.
„Тоа е под потенцијалот на македонската економија без да предизвика нарушување на ценовната стабилност односно на инфлацијата. Оптималната стапка на раст според Светска банка и некои студии во МАНУ ја проценуваат меѓу 4,9 до 5,6 проценти, тоа се стапки кои доколку се остварат во подолг временски период би понудиле веќе ефекти и врз животниот стандард и врз вработувањето“, вели Фити.
Важно е јавните инвестиции во доменот на крупната инфраструктура да продолжат.
„Мора да продолжат работите со патиштата кои сега се стопирани. Се преиспитуваат проектите, има најава од Министерството за транспорт и врски дека брзо ќе се решат. Треба да се оди со гасификација, со Коридорот 8. Фактички и ставките за нив во буџетот се зголемени. Но, секогаш има проблем во нивна реализација. За нови проекти треба да се направат физибилити студии, заштита на животна средина, имотно-правни односи. Но, тоа се значајни инвестиции и Македонија треба да ги направи ако сака да го динамизира економскиот раст и развој“, вели првиот човек на МАНУ.
Тој порача да се вложува во образованието зашто тоа на долгорочен план влијае врз економскиот развој, но рече дека моменталната состојба во високото образование е катастрофална.
„Образованието во последните петнаесетина години доживеа едно такво назадување, со погрешни политики, со широка дисперзија, хипертрофирана мрежа на факултети, универизитети кои немаат квалитет. Тоа придонесе за ширење на опфатот на студенти, само навидум им обезбедувате да студираат и во малите места, но фактички на самиот старт ги казнувате зашто тука не се нивните професори, соработници, немаат компјутери, технологија и слично“, рече професор Фити.