Речиси секоја година обработливите земјишта во селата во тетовската рурална општина Јегуновце се поплавуваат од излевање на реката Вардар што според стручните лица за земјоделство долгорочно ќе придонесе за оштетување на структурата на почвата. Честото поплавување најмногу штети на биолошката разноликост на земјата и во иднина и претстои опасност да биде помалку корисна за одгледување земјоделски култури, објаснува агрономот Петре Петревски од тетовскиот центар на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделието.
„Со самото лежење на водата, доста хранливи материи во самата почва, поготово азотот, ќе биде исперен. Ќе дојде до негово пренесување до подлабоките слоеви или истекување, зависи од тоа како водата ќе се повлекува од таа површина. Во таквите услови се нарушува животот и на штетните, но и на оние природни предатори или инсекти коишто живеат во самите почви. Едноставно целиот тој биодиверзитет се нарушува и тука имаме доста штети по однос на самата структура на почвата. Се намалува хранливата вредност на почвата“, потенцира тетовскиот агроном.
И оваа пролет десетици хектари се најдоа под вода. Ако повеќе денови водата остане на нивите првично се уништуваат актуелните култури, зашто земјоделците не можат да интервенираат, вели Петревски.
„Веројатно ќе има доста последици доколку поплавата, односно задржувањето на водата, е подолго време односно повеќе од три дена. Поради тие анаеробни услови, потешко ги користат хранливите материи, да жолтеат листовите. Значи може да дојде до целосно уништување на посевот. Доколку после три-четири дена почне да се повлекува водата, ќе има последици по однос на порастот и се разбира намалени приноси. Најлошото е што може после тоа да се појават одредени болести и штетници на самата култура“, објаснува стручното лице.
Поради ваквите состојби им препорачува на земјоделците со текот на времето да го испитаат составот на почвата за да знаат со што да ги подобрат условите за одгледување.
„Често пати земјоделците не прават агро-хемиски анализи. Не знаат што содржи самата почва и стихијно фрлаат ѓубриво без некое претходно сознание дали и колку има потреба културата. Затоа често пати доаѓа до одредени ситуации да има вишок на одредени елементи, а некогаш и да нема“, истакнува агрономот.
Како долгорочно решение за спречување на поплавите во овој регион е потребата од регулирање на речното корито на Вардар во должина од шест километри.