Достапни линкови

Последици од градењето без стандарди


Вода во „Скопје 2014“, ѓубре во Вардар
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:10 0:00

Вода во „Скопје 2014“, ѓубре во Вардар

Инциденти, како тој кога пукната канализациска цевка поплави градилиште во центарот на Скопје со фекалии, се неизбежни во услови кога се гради каде што ќе се стигне.

Градењето без план и без стандарди е причината поради која градилиштето во близина на Факултетот за драмски уметности беше поплавено во фекалии од пукната канализациска цевка, велат упатените, според кои тоа е генералниот проблем со кој се соочува Скопје во изминатите години. Изградбата на објектот е стопирана сè додека инвеститорот не го обезбеди земјиштето.

Претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора, Никола Велковски, вели дека уште кога се планирала изградбата на објекти покрај коритото на Вардар се укажувало на последиците и дека не треба да се гради барем на 40 метри од потпорниот ѕид.

„Кај нас генерално нема проблем во она што значи статички, сеизмички да се гради самиот објект, но стабилноста на тлото под објектот може да е проблематична. Во вакви услови се прави зајакнување на дното. Дали е тоа направено мислам дека не е направено за поголем број објекти. Тоа е до урбанистот, Тоа е до статичарот и тој што го планира тој простор тука и треба да знае точно и да пропише улови под кои ќе се гради“, смета Велковски.

Претседателката на Асоцијацијата на архитекти Сања Рагеновиќ Јовановиќ проблемот го гледа во тоа што во изминатите десет години инжинерската професија е на маргините и е апсолутно непочитувана, потценета и омаловажувана и апелите на инжинерите и архитектите досега не наидоа на разбирање. Според неа, треба да се сфати дека инжинерството е наука во која се вложува многу труд, време и искуство за да се стане стручен во областа.

„Потценувањето на тоа доведува до вакви и слични ситуации коишто сум сигурна дека во иднина сè повеќе и повеќе ќе ги имаме. За десет години тие објекти ќе личат на валкани купишта на стиропор затоа што се гради неплански и нестручно. Единствена цел е да се обезличи градот и да се даде некој нов лик непочитувајќи ниту историја, ниту традиција, ниту инжинерска професија“, вели таа.

Велковски додава дека по изградбата на објектот сите сносат одговорност и во иднина да не дојде до вакви настани треба да почне да се почитува струката и професијата и да не се гради покрај коритото.

„Ако веќе се гради, треба да се работи многу на зајакнување на тлото на земјиштето под објектот. Тоа е најважно, бидејќи се гради и во море и под и над вода или во река ама се има јасни правила и прописи“, вели тој.

Од Водовод и канализација најави тужба за инвеститорот и ќе бараат оштета за направена штета и нејзиното санирање.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG