ЕУ не сака алиби, туку исполнување на реформите

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вели дека земјата е на добар пат кон ЕУ, а реформите се одвиваат со добра динамика. Сепак, истакнува дека законот за јазици, законите во правосудството и безбедносните служби остануваат проблематични во однос на зацртаниот рок на реализација.

Законот за употреба на јазиците и законите во областа на правосудството и безбедносните служби остануваат црвените точки во реализацијата на планот 3 - 6 - 9. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи сепак уверува дека земјата е на добар пат кон евроинтеграциите и вели дека е добар знак тоа што постои соработка меѓу власта и опозицијата во однос на спроведувањето на реформските закони.

„Има напредок. Прво добро е што има комуникација помеѓу политичките партии, тоа е добар почеток. Се гради една базична доверба помеѓу страните во овој случај за да можат посуштински да расправаат за конкретни законски решенија и мислам дека работните групи се длабоко навлезени суштински да разговараат за конкретните решенија. Сè уште не можам да зборувам за конечниот епилог, бидејќи нема конечен епилог, меѓутоа на добар пат се“, изјави Османи.

Вицепремиерот Османи не сака да прејудицира како евентуалното неисполнување на критичните закони ќе се одрази на априлскиот извештај на Европската унија.

„Се разбира дека ЕУ нема да ја интересираат внатрешните алибија зошто не се донесени законите. Тие ќе сакаат испорака. Меѓутоа пред граѓаните позициите ни се јасни на сите. Кои беа напорите на владата, ставовите на владата и обидите на владата за да постигне инклузивност во целиот процес. На крајот на краиштата сите политички партии ќе излеземе пред граѓаните секој со својата одговорност“, изјави Османи.

Реформскиот план 3 - 6 - 9 е под лупа на Институтот за демократија. Вториот извештај од истражувањето на овој институт кој се однесува на сработеното во последните шест месеци покажува дека 52 процента од вкупните активности се исполнети, 16 делумно исполнети, 19 се неисполнети, а 13 проценти се немерливи.

„Статистиката покажува дека областите граѓанско општество и правосудство придружени со областа собрание покажуваат најмал степен на реализација, или со други зборови во овие области бројот на немерливи, неисполнети и делумно исполнети активности е поголем од бројот на исполнети активности“, вели Иван Николовски од Институтот за демократија.

Николовски посочува дека она што останува проблематично во делот 6, тоа што сè уште постојат активности кои се ресорна надлежност на надлежните институции и не можат да бидат категоризирани како реформски бидејќи или се категоризирани со закон или се ресорни надлежности коишто само треба да бидат спроведени во пракса.

Пред денешниот состанок на министрите одговорни за спроведување на реформите со амбасадорите на земјите членки на Унијата, на кој министрите детално треба да образложат што досега сработиле, вицепремиерот Османи рече дека мерките се реализираат според предвидената динамика, со исклучок на неколкуте критични точки за кои се доцни зошто зависат од преговорите меѓу политичките партии и обидите за заеднички консензус. Реформите, според него, се комплексни, но важно е да се спроведат и да се рефлектираат во секојдневното однесување на судиите, вработените во администрацијата, безбедносните служби, избраните функционери итн.