Господине Славески, како го коментирате фактот што годинава го имаме најобемниот буџет, кој за власта е домаќински, за опозицијата расипнички? Дали сметате дека вака конструираната државна каса, може да биде солидна основа за намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг?
При подготовка на буџетот за 2018 година сегашната влада немаше многу простор за иновативност, за некои порадикални промени, прво заради времето коешто и стоеше на располагање, тоа беше летниот период. Тоа е едно, треба да се има во вид дека има некои таканаречени недискрециски расходи во буџетот, коишто треба да се задоволат, тоа се социјалните трансфери, тоа се платите за јавната администрација, кадешто немате простор за некои нагли промени во некој краток временски период и тие средства едноставно мора да се предвидат.
Понатаму некои проекти се во тек, започнато финансирање пред сè на автопатиштата и други капитални проекти, коишто не можат да прекинат и оттука по инерција, барем овој буџет на расходната страна има толкав висок обем на средства. Сега прашање е реалноста на проектирање на приходите што зависи од предвидениот раст или дали ќе се оствари растот на БДП, финансиската дисциплина која ќе видиме дали ќе биде задржана како во изминатиот период, а на страната на расходите една неизвесност е колку се подготвени буџетските корисници за трошење на средствата за реализација на проектите и програмите во буџетот. Сега да судиме дали буџетот е ваков или онаков најверојатно ќе имаме повеќе простор за некој нареден буџет, да речеме за буџетот наредната година.
Според некои аналитичари, нема ништо лошо во задолжувањето на земјата, оти така се одржува јавниот долг и се покрива фискалниот дефицит. Но, проблем е кога парите од задолжувањата се трошат на непродуктивни цели. Дали од денешна гледна точка, може да заклучиме дека големата задолженост на земјава е резултат исклучиво на недомаќинското трошење на парите во изминатите неколку години?
Не постојат некои анализи кои со прецизност може да одвојат за кои намени колку средства се потрошени, дали се продуктивни или непродуктивни. Факт е дека имаше инвестиции во обласна на културата и тоа беше еден од приоритетите на претходната или на претходните влади. Сакам да истакнам дека се фетишизира во изминатиот период прашањето на задолжувањето, ако се сеќавате цело време беше на дневен ред сега многу помалку слушаме, иако и сегашната влада ги прави оние редовни задолжувања на домашниот пазар и задолжително позајмување средства во странство, така што се зависи од приоритетите на владата и секако дека јавноста очекува повеќе средства да се трошат во проекти од областа на инфраструктурата коишто ја зголемуваат производствената можноста, потенцијалот на националната економија.
Минатата година ја завршивме со многу ниска стапка на раст од 0,5 проценти. За оваа година проекциите се 3, 2 проценти. Каде ги лоцирате главните причини за забавениот раст во земјата?
Сè она што е раст под четири проценти не е добро за Република Македонија, затоа што значи дека тоа е она што можеме да го постигнеме без премногу напрегање на ресурсите, тоа е некаде потенцијалот на македонската економија, барем на среден рок.
Подложноста на земјата на внатрешни и на надворешни шокови го зема својот данок. Ако се анализираат податоците, ние имаме периоди на забрзан раст, како што беше периодот на 2005, 2006, 2007 година, па кризата, којашто на двапати, во 2009 и во 2012 предизвика рецесија и во Република Македонија, па извесно заздравување, после политичките проблеми, политичката криза, така што на долг рок стабилизација на политичката состојба во земјата, поволно опкружување, инвестиции во образованието и инфраструктура би помогнале да можеме да се надеваме дека тие шокови кои одвреме навреме ни се случуваат ќе бидат поблаги и таа траекторија на растот ќе биде повеќе во позитивна насока.
Целото интервју со Трајко Славески, универзитетски професор, поранешен министер за финансии и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, може да го погледнете на видео-снимката на почетокот на овој текст.