Достапни линкови

Повисок кредитен рејтинг, пониски камати


Повисокиот кредитен рејтинг на државата значи и помали камати за задолжување, но тоа не е единствениот критериум. Македонија во последните 15 години нема големи промени во кредитниот рејтинг, кој се движи меѓу ББ- и ББ+.

Кредитната агенција Фич пред неколку дена соопшти дека го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија на ББ, но го подобри изгледот од негативен во позитивен. Ова значи дека кредитниот рејтинг на Македонија останува ист, но со можен изглед во иднина да се зголеми.

Агенцијата наведува дека на подобрувањето на изгледот влијаела политичката стабилизација и подобрувањето на клучните меѓународни односи, а особено се нотирани напредокот на „Планот 3-6-9“ на Владата, резултатот на локалните избори како потврда на мандатот за реформи, како и активноста на СЈО околу прислушуваните разговори. Понатаму Фич наведува дека дипломатските сигнали околу решавањето на спорот со името се позитивни и дека Македонија очекува позитивна препорака од Европската комисија и почеток на преговорите во текот на 2018 година.

Академик Абдулменаф Беџети вели дека кредитниот рејтинг на државата е многу важен параметар, зашто е еден од индикаторите за кредиторите за кредибилитетот на една држава. Повисокиот кредитен рејтинг на државата значи и пониски камати за Македонија кога се задолжува во странство, вели тој. Потсетува дека последната еврообврзница со која Македонија минатиот месец се задолжи со 500 милиони евра на меѓународните пазари е со камата од 2,75 отсто, што е многу пониска од претходно. Еврообврзницата во 2015 година беше со камата од речиси 5 отсто, а во 2014 година со речиси 4 отсто. Еврообврзницата издадена во 2009 година беше со камата од речиси 10 отсто.

Сепак, Македонија во изминатите 15 години нема драстични промени во кредитниот рејтинг, кој од 2004 досега постојано се движи меѓу ББ- и ББ+. Зошто тогаш каматите толку драстично се разликуваат?

„Во дадениот момент преполовувањето на цената на позајмувањето на пазарот на капитал, со тоа што кредиторите ја преполовија каматната стапка на еврообврзницата, не може секогаш да биде резултат на подобрување на бонитетот или кредибилитетот на земјата. Може да биде и поради конјуктурата на пазарот на капитал. Значи, поевтинуваат изворите, не може тоа да се земе само црно бело“, објаснува Беџети.

Токму затоа, вели Беџети, и еврообврзницата издадена во 2009 година беше со толку висока камата, иако кредитниот рејтинг на државата тогаш се движеше меѓу ББ и ББ+. Тогаш почна светската должничка криза и цените на капиталот драстично се зголемија.

„Самиот пазар на капитал тогаш имаше проблеми во однос на извори за финансирање, а сега има вишок на капитал на пазарот на капитал. Значи тоа не е поврзано само со кредитниот рејтинг на државата, туку има и други елементи“, вели Беџети.

По подобрувањето на изгледот на Македонија во позитивен од кредитната агенција Фич, премиерот Зоран Заев на Фејсбук се пофали дека тоа се добри вести за Македонија.

„Реформите, финансиската стабилизација, фискалната политика и економските мерки се препознаени и носат позитивни резултати“, напиша Заев на „Фејсбук.

За министерот за финансии Драган Тевдовски, пак, ова е „најдобра потврда за реформите и кредибилноста на фискалната политика“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG